Ѕвездено небо во чест на Тоше вечерва на плоштад Македонија

Традиционалниот музички хепенинг „ Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше “ ќе се одржи вечерва со почеток во 19:30 часот на плоштадот Македонија во Скопје.

Оваа година на задоволство на сите, покрај неговите познати хитови ќе имаме можност да ја слушнеме и до сега необјавената песна на ромски јазик на Тоше Проески „Ефта пуране иконе“ (Седумте стари икони), како и долгоочекуваната верзија на песната „Малечка“ на англиски јазик.

Настанот се одржува по иницијатива на обожавателите на Тоше Проески, во спомен на прерано починатата македонска музичка ѕвезда, на денот на неговиот последен концерт во Скопје, со цел сите заедно да се потсетиме на неговата музика и лик, но и да создадеме „ ѕвездено небо “ во негова чест.

Од фан-клубот на Тоше Проески ги покануваат сите кои се во можност вечерва да дојдат на плоштадот „Македонија“ за заедно да бидат испеани рефрените кои ги знаеме наизуст, како и да присуствуваат на промоцијата на двете нови песни.