Зврлевски: Нелегалното следење на комуникациите доведе до криза во Македонија

Нелегалното следење на комуникациите доведе до голема општествена криза во Република Македонија, но ова не е прв пат системите за следење на комуникациите да бидат злоупотребени во земјава. Ова го истакна обвинителот, Марко Зврлевски на денешната конференција „Следење на комуникации – законска рамка и искуства, улогата на јавниот обвинител“ која денеска се одржа во Скопје.

„Системите за следење на комуникациите како средство се користат и се злоупотребуваат и од други земји. Токму поради тоа улогата на јавните обвинители треба да стане поизразена, со цел да се намалат ваквите злоупотреби“, рече Зврлевски.

Токму поради овие причини, истакна Зврлевски, потребно е измена на законското решение за следење на комуникациите бидејќи иако е предвидено главниот збор да го има јавниот обвинител, тоа е само на хартија, бидејќи системите за следење на комуникацијата и натаму остануваат единствено во рацете на Министерството за внатрешни работи.

Во законските измени којшто ги предлага и меѓународната заедница треба да се воведат силни контролни механизми на употребата на средствата за следење на комуникациите, додаде Зврлевски.

Претседателот на Врховниот суд на РМ, Јово Вангеловски, рече дека без оглед што оваа конференција е организирана за јавните обвинителства, се однесува и на судовите, и се надева дека ќе биде поттик за подобра комуникација и соработка со судовите.

– Следењето на комуникациите е ефикасен прав инструмент во истрагата. Истражните мерки во новиот закон се усогласени со меѓународни закони. Единствено во ситуација кога се работи за безбедноста на земјата надлежен е Врховниот суд. Кога постојат сомнежи дека се подготвува дејство против државата или вооружените сили со цел да се оневозможи одбранбениот систем на државата, барањето за следење на комуникации, јавниот обвинител го поднесува до Врховниот суд. Правната рамка е битен сегмент и практичното делувањето меѓу надлежните органи во државата и надлежните органи во регионот ќе донесе до подобрување на законската рамка – рече Вангеловски.

На меѓународната конференција за следење на комуникациите организирана од ОЈО присуствуваа обвинители од регионот, претседателот на Врховен, Јово Вангеловски и претседателот на Советот на обвинители, Петар Аневски. Присутни беа јавни обвинители и нивни заменици од Албанија, Косово, Русија, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.