Македонија

Зврлевски: Отворена преткривична постапка за случајот „Актор“

Зврлевски: Отворена преткривична постапка за случајот „Актор“

Од Управата за спречување перење пари синоќа е доставен извештај до Основното јавно обвинителство за сомнителни трансакциии и е поднесен предлог до надлежен суд за блокирање на имот на одредени трговски друштва и сметки за кои е веќе изречена времена забрана, изјави државниот јавен обвинител Марко Зврлевски одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција во Министерството за внатрешни работи.

Зврлевски, не сакајќи да открива повеќе детаљи, рече дека се блокирани трансакции на две фирми кои работат во земјава.

Министерката Гордана Јанкулоска, осврнувајќи се на обвинувањата од СДСМ за овој случај, рече дека има премногу коинциденции за да може да се оквалификува ваквиот настап на опозицијата како случајност.

„Времето како и секогаш досега ќе покаже која била вистинската цел и мотивација на оние кои на ваков начин настапуваат во јавноста, а инститиуциите ќе одговорат во рамки на надлежностите“, изјави Јанкулоска.

Во врска со случајот „Актор“ Управата за финансиско разузнавање преку соопштение вчера информира дека навремено, согласно ингеренциите, ги има преземено сите мерки и дејствија и оти по добиените првични сознанија на 11 ноември 2013 година отвориле предмет за испитување на случајот и утврдување на сите факти, како и евентуално утврдување на постоење на одговорност.