Актерската легенда Џин Хекман пронајден мртов со сопругата

Американскиот актер окаровецот Џин Хекман, неговата сопруга Бетси Аракава и семејното куче беа пронајдени мртви во нивниот дом во Санта Фе, во Ново Мексико, но освен што е познато дека не се работи за криминално дело, засега нема информации за причината за смртта.

„Можеме да потврдиме дека и Џин Хекман и неговата сопруга беа пронајдени мртви во средата попладне во нивната резиденција на Сансет Треил“, рече шерифот на округот Санта Фе, Адан Мендоза во соопштението.

„Во тек е активна истрага. Сепак, во овој момент не веруваме дека ова е криминално дело. Сѐ што можам да кажам е дека сме среде прелиминарна истрага за смртта и чекаме одобрување на налог за претрес“, додаде Мендоза.

Хекман имаше 95 години, а неговата сопруга 63 години.

Џин Хекман, еден од најдобрите американски карактерни актери, има освоено два Оскари, две британски BAFTA награди, четири Златни глобуси и награда од Здружението на фимските актери (SAG) во кариерата која се протегаше повеќе од шест децении.

Хекмен освои Оскар за најдобар актер за улогата на Џими „Попај“ Дојл во трилерот на Вилијам Фридкин од 1971 година „Француска врска“ и уште еден Оскар за најдобра споредна машка улога за неговата улога на Малиот Бил Дагет во вестернот „Непомирливи“ на Клинт Иствуд од 1992 година.

Тој беше номиниран за Оскар за неговата улога во филмот „Бони и Клајд“ од 1967 година во кој го глумеше Бак Бароу, и за неговите улоги во филмот од 1970-те „Никогаш не му пеев на татко ми“ и филмот од 1988 година „Мисисипи гори“.

Прославениот актер имаше повеќе од сто улоги во својата кариера, вклучувајќи го и Лекс Лутор во филмовите за Супермен од 1970-те и 1980-те. Исто така, глумеше во хит филмовите „Одметната порота“ и „Прислушкување“, како и во „Семејство на чудаците“ на Вес Андерсон.

Последен пат се појави на големото платно како Монро Кол во филмот „Војна за градоначалник“ од 2004 година.

Роден во Калифорнија во 1930 година, Хекман се пријавил во војска на 16-годишна возраст, но морал да лаже дека е постар и служел четири ипол години во маринците.

По отслужувањето на воениот рок и краткиот живот во Њујорк, решил да се занимава со глума. Хекмен се придружил на театарската компанија „Пасадена Плејхаус“ во Калифорнија, каде што се спријателил со младиот Дастин Хофман.

Кога влегол во професијата во раните 1970-ти, Америка се барала себеси. Виетнам, првиот нафтен шок и скандалот Вотергејт: На САД не им оди добро, а Холивуд го користи тоа. Младите режисери, Френсис Форд Копола, Мартин Скорсезе и Денис Хопер, се лансираат како автори и се осмелуваат да се спротивстават на семоќните студија.

Тоа беил божји дар за Хекмен. Далеку од „холивудската ѕвезда“, палмите и калифорниското сонце, буцкастиот, ќелав мустаклија Џин Хекман успева да се етаблира во американскиот филмски пејзаж со филм сместен во Њујорк, среде зима, кој зборува за дрога, насилство и урбана депресија.

„Ме обучуваа да бидам актер, а не ѕвезда. Обучуван сум за улоги, а не да се занимавам со слава, агенти, адвокати и медиуми”, рече еднаш Хекман.

Актер со методологија, Хекмен може да изгледа сурово, грубо и заканувачки на екранот, но исто така пријателски и добродушен, со лице што своевремено самиот го опиша како „лице на рудар“.

Освен што се појавуваше на церемониите за доделување награди, Хакман никогаш не бил заинтересиран да живее во центарот на вниманието. Беше дискретен, даваше малку интервјуа и уште помалку се впушташе во затворениот свет на Холивуд.

„Во Холивуд сè се врти околу киното: разговорите, луѓето што ги гледате, секојдневниот живот. Тоа е тотално нарцисоидно. На крајот заборавате зошто ја работите оваа работа“, рече тој.

Од глумата се откажа во своите седумдесетти години.

„Навистина емоционално се исцрпувам кога се гледам на екранот. Се чувствувам како да сум прилично млад, а потоа го гледам овој старец со широка брада, уморни очи, ќелава глава. Кога се гледам себеси на екранот, го гледам дедо ми“, рече објаснувајќи ја одлуката.