
„Континуирано работиме да ја подобриме локалната самоуправа со проекти и финансиски средства кои се обезбедени и им се достапми на општините и притоа тие самите можат да се определат за каков вид на проекти, односно што им е најпотребно во општината и на самите граѓани“, истакна портпаролката на Владата, Марија Митева во гостувањето на „Здраво Македонијо“ на Канал 5 телевизија.
Таа додаде:
„Покажуваме отвореност, кооперативност која навистина сакаме да ја имаме и сега и во иднина. Ги охрабруваме сите градоначалници без разлика од која политичка партија, доаѓаат да аплицираат и да ги искористат овие средства“, истакна Митева.
Таа рече дека треба да се гради систем на доверба, а не на празни флоскули.
„Не постои состојба на која треба да гледаме како политички конкуренти, тоа граѓаните на следните избори ќе си одлучат. Наше е да работиме, да презентираме што имаме, да ја кажеме нашата визија, да ги споредиме програмите, да видиме колку од она што е ветено е реализирано. Мора да почнеме да градиме систем на доверба врз основа на даден збор и испорачано кон граѓаните, доста беа празни флоскули. Имаме малку поинаков пристап во самото владеење, а тоа е да покажеме дека работата ќе биде таа што ќе зборува погласно од зборовите“, вели Митева.
Запрашана за дали конечно ќе престанат вработувањата на партиска и етничка основа, Митева посочи дека новата Влада нема таква практика, ниту пак работи и размислува на таков начин.
„За овие 8 до 9 месеци ние немаме таква пратика, ниту пак работиме и размислуваме на таков начин. Тоа е нешто кое на граѓаните континуирано во минатото им пречеше, континуирано ние зборувавме за непотизам, кронизам итн., преку медиумите се пласирале вести за неетичко постапување од политички партии при вработувањата. Природен процес во политиката е да има транзиција на политички партии меѓутоа неприроден би било ако граѓаните кои навистина работеле на една позиција да бидат сменети при промена на власта. Немаме таков пристап на работа. Време е Мерит системот да почне да владее, да видиме спред кои капацитети, можности, образование инт., секој еден може да придонесе. Показател дека навистина сакаме да се справиме со ова беше и укинувањето на балансерот“, заклучи Митева.