
Романското обвинителство во средата го приведе десничарскиот претседателски кандидат Калин Џорџеску на сослушување како дел од пошироката истрага за поништените избори, соопштија судски извори.
Претседателските избори беа поништени во декември поради сомневање за руско мешање во корист на Џорџеску, силен критичар на НАТО и западната поддршка за Украина, кој изненадувачки победи во првиот круг. Москва го негира ова.
Обвинителите отворија кривична истрага по поништувањето на изборите поради наводите за нерегуларности, кои се движат од измама во финансирањето на кампањата, промовирање антисемитизам и говор на омраза до поткопување на уставниот поредок.
Џорџеску во моментов не се смета за осомничен.
Обвинителите во средата објавија дека пребарале 47 адреси на луѓе и здруженија поврзани со Џорџеску. Изминатиот период беше извршен и претес и ви домот на неговиот менаџер на кампањата.
Џорџеску ги обвини властите за постапки кои потсетуваат на комунистичката ера.
„Тие сакаат да измислат докази за да го оправдаат изборниот фалсификат и да направат се што можат за да ја спречат мојата нова кандидатура“, објави тој на Facebook.
Неговиот тим на социјалните мрежи објави дека тој е приведен на денот кога имал намера да ја поднесе својата кандидатура за претседателските избори во мај.
Џорџески, кому му се забележува и дека наводно ги фалел романските фашистички челници од 1930-те и изразува восхит кон американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, останува фаворит меѓу гласачите, според анкетите пред изборите во мај.
Членовите на администрацијата на Трамп остро ја критикуваат Романија за поништување на изборите. Американскиот потпретседател ЏејДи Венс рече дека тоа значи дека Романија не ги дели американските вредности, а милијардерот Илон Маск го нарече судијата кој ги поништи изборите „тиранин“.