112 во ЦУК – Веќе една година ги поврзува сите при итни случаи

На денот на Европскиот број за итни случаи, на 11-ти февруари, годинава 2023-та, се заокружува една година функционирање на бројот 112 во Центарот за управување со кризи во нашата држава, Република Северна Македонија. Големиот европски проект, преточен во дело, Е – 112 во ЦУК, при ова едногодишно функционирање се надоградува „во движење“, согласно потребите и можностите преку менаџирањето на актуелните функционери, директорот Стојанче Ангелов и заменик директорот, Екрем Зендели, а со голема поддршка на Владата и на Европската Унија. Секако, тоа е поткрепено со голем работен ангажман и ентузијазам на вработените во ЦУК кои се мотивирани и свесни и за историскиот момент во којшто учествуваат при имплементирањето и функционирањето на 112 во нашата држава согласно европската и светска патека за современо заокружување на безбедносните и одбранбени капацитети во земјава.

Неодминливо е да се напомене дека големата општествена одговорност на медиумите и свесноста на граѓаните за современата потреба од овој европски број за барање помош при итни случаи придонесе да функционира и да се развива 112 како број што корисно ги поврзува сите: и граѓаните на коишто им е потребна помош и тие коишто помагаат на граѓаните при итни случаи, поточно, Полицијата, Итната Медицинска помош, Пожарникарите, ЦУК и сите координирани институции во Системот за управување со кризи на локално и на државно ниво.

Инаку, аспирациите за можното функционирање на Е-112 и во нашата држава, како и во Европа и Светот, датираат од формирањето на ЦУК од 2005 година, а и пред тоа, поточно од почетокот на функционирањето на 112 во Европската Унија од 1991 година. Но, поконкретните чекори почнаа од 2016-та година преку европски проект за воспоставување на телефонскиот број за итни повици, случаи, Е-112 во рамки на програмата за финансирање „ИПА 2“. Со тоа, преку Европската комисија, претставувана од Делегацијата на ЕУ во Скопје, со овој проект што сега веќе и една година е реализиран, функционален и се доразвива во ЦУК, се придонесе да се исполни обврската на нашата држава за да се усогласи со европската директива 2008/113/ЕС при пристапните преговори со ЕУ, при што беше предвидено дека Е – 112 треба да биде целосно имплементиран. Општата цел на тој процес на имплементација беше во насока да се зајакнат капацитетите на соодветните институции, за да се обезбеди континуирана координација, навремена реакција, ефикасно и соодветно искористување на расположливите можности и ресурси во случај на криза, како и навремена, квалитетна и реална проценка на ризици и закани за безбедноста на земјата.