125 пациенти со ковид-19 се лекуваат во болниците

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 125 и има околу
500 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 77 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани седум пациенти, позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани осум пациенти. На инфективното одделение во Тетово има двајца пациенти, во Велес се лекуваат 11 болни, а во Куманово 15 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано седум пациенти, во Прилеп четири, во ковид центарот во Гостивар осум, а во Струга четворица болни.

Во болницата во Струмица хоспитализирани се девет пациенти, во Кичево двајца и во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирано лица позитивни и суспектни на корона вирусот.

Бројките, посочуваат од Министерството, се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти. Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје нема хоспитализирани нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 48 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град.

Во последното деноноќие, на Институтот за ТБЦ немало приеми. Приеми немало ниту во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ и на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени четворица оздравени пациенти. Во ковид центарот на Институтот за ТБЦ се лекуваат седум пациенти.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 13 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 28 пациенти.

Вкупно 48 пациенти потврдени и сомнителни за ковид 19 се лекуваат на инфективните одделенија во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите, како што информира Министерството, се на кислородна поддршка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.