14 здравствени работници заразени со коронавирус

Од вкупниот број заболени од коронавирусот во земјава, 14 се здравствени работници, вклучувајќи ги и овие сега дијагностицирани во Скопје, информира министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тие, како што соопшти Филипче се во Кавадарци, Дебар, сега во Скопје и во Куманово.

Прашан во каква здравствена состојба се децата кои се дијагностицирани со вирусот и каде се лекуваат, министерот информира дека најмалото дете од Скопје е на домашно лекување, девојчето кое се лекува во одделението за инфективни болести во болницата во Штип и момчето од Дебар кое има 15 години, а сите се во добра состојба во смисла на тоа да е манифестацијата на болеста во лесна форма.

Во однос на луѓето кои имаа контакт со екс-директорката на Кожната клиника, Филипче информира дека пет се позитивни од 30 тестирани, а тестирањето ќе се врши во пет до шест циклуси.

– Не можеме сите да ги тестираме одеднаш затоа што ќе се угуши капацитетот за другите материјали кои што стигнуваат, сега се тестирани 30 и ќе стигне бројката до некаде 180 или 190 луѓе кои беа во самоизолација, посочи министерот.