Колку што стануваат пожестоки реакциите на академиците од МАНУ по повод лустрирањето на нивните членови, толку пожестоко мене ме боли фактот дека ниту имало, ниту има, ниту веројатно ќе има некаква жестокост од нивна страна спрема можното идентитетско уништување на Македонија. Дури сега од нив слушаме дека се разнебитува македонскиот идентитет. Ама не во последниве дваесет години, туку сега, кога тие се на удар. Оти вака излегува дека само тие се македонскиот идентитет. Не името, не знамето, не јазикот и народот, не нашето малцинство, ништо од ова не е идентитетско, ами тие само, вечните и заслужните, привилегираните од МАНУ. Ете, дури и Друштвото на писателите се огласи, да не речам се разбуди, па се сети на македонскиот идентитет, оти и тие се убедени дека идентитет, тоа се тие и сега бараат привилегираност за своите членови.
Јас не велам дека делата на академиците и писателите, па и на музичарите, вајарите и сликарите, ама и на докторите, научниците и занаетчиите, не велам дека сите тие заедно не го граделе и сѐ уште не го градат македонскиот идентитет, напротив тие се дел од него, ама морници ме лазат од нивната селективност и самобендисана возвишеност, која ни кажува дека со нив почнува и завршува македонскиот идентитет. Колку само ќе беше силен и искрен нивниот крик сега, ако постојано стоеја на браникот во одбраната на нашето име и идентитет во војната со Грција, која е поддржана од Унијата и од САД, колку само ќе беше поголема поддршката за нив ако тие, академиците, постојано им скокаа врз глава на нашите политичари, ако лобираа низ светот за да го обелоденат идентитетскиот холокауст во обид, спроведуван сиве овие дваесет години врз нас и нашата држава, ако постојано пишуваа писма, манифести, прогласи.
Замислете утре, а тоа е сосема можно со оваа наша политика без црвени линии, консензус и национална стратегија, политика што веќе уби делови од нашиот идентитет (ФИРОМ, знаме, Привремена спогодба, откажување од малцинствата, рамковен договор, територијална поделба), замислете, дали ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ сеедно, со референдум или без него уште посеедно, замислете дека конечно се предаваме, виткаме ’рбет, правиме „разумен“ компромис и се откажуваме од нашиот идентитет ерга омнес, оти само тоа се бара од нас, замислете дека сме дел од елитното друштво како нова безидентитетна творба и кажете ми за кој мој идентитет ќе се фатат академиците тогаш, па еве и топтан да бидат лустрирани?
И затоа ме боли фактот дека МАНУ требаше и мораше да го крене својот народ (како кошаркарите и ракометарите што го кренаа на нозе со своите успеси), да нѐ крене сите нас, па да ги прашаме сите заедно нашите власти и опозиции дали сами ќе си ги стават јажињата околу вратот ако сменат макар и буква од името, оти така ни го убиваат идентитетот, ете тоа ме боли, оти не сакаат да го кренат народот за сеопшта борба за македонскиот идентитет, туку сакаат да нѐ кренат за да се бориме за нивната идентитетска удобност и исклучивост. Оти, исправете ме ако грешам, ама јас не се сеќавам дека МАНУ официјално како институција реагираше кога се донесе Законот за лустрација, туку сега кога тие се во игра, а признајте дека тоа и не е баш етички од нивна страна.
Ме боли и фактот што јас ја немам силата што ја имаат тие, немам ниту пари ниту моќ, немам ни функција ни позиција, а подготвен сум да бидам и распнат и убиен, и понижен и осакатен, и затворен и лустриран и не ми е гајле, оти за мене борбата за Македонија е света борба, битката за правото на самоидентификување е врвниот активизам во битката за човекови права.
А жал ми е за лустрираниве уметници. Не затоа што се лустрирани, јас не ги мразам, ама немам убаво мислење за кодоши, туку поради фактот што за нив дури сега се зборува со почит. Жал ми е за Славко Јаневски, затоа што сега си ја плакнат устата со него, жал ми е затоа што со години, освен учениците по задача што читаат две негови лектири и книжевните наркомани како мене што го прочитале цел негов опус, со години никој не му ги купува книгите, па затоа и тешко се наоѓаат во книжарниците. И тоа не отсега, туку од поодамна. Жал ми е за Томе Серафимовски, затоа што му ги плукаа делата од „Скопје 2014“ и му се ситеа кога ги одбија неговите скулптури во Загреб, жал ми е што сега истите тие го величат само поради политичка омраза кон партијата на власт. Ете затоа ми е жал за нив, оти тие што ги читале книгите и гледале скулптури секогаш ќе знаат да направат разлика меѓу нивната уметност и несреќата што во животот им ја нанеле на поединци или на цели семејства.
И доста за лустрација, оти јас, фала на прашање, би ја спровел без некакви комисии чии членови очи ќе си извадат меѓу себе, би ја спровел, ама веднаш и одеднаш. И тоа многу едноставно. Ќе направам тим луѓе што сите досиеја, без разлика дали се 15.000 или 50.000, ќе ги стават во ПДФ и целата таа кодошка епопеја ќе ја закачам на Интернет, па нека читаат новинари и експерти, граѓани и политичари. Знам дека ќе засмрди силно, ама одеднаш ќе бидат лустрирани сите што заслужиле, па и побрзо ќе се проветри.
А кога сме кај македонскиот идентитет и борбата за негово зачувување, вест на неделата е дека Самарас му одговори на Груевски. И во писмото ни кажа дека не е Грција таа што нѐ блокира, туку Европската Унија. Унијата ни вели да го решиме проблемот со Грците, овие ни велат да одиме да преговараме со Брисел, па доаѓа на моето дека всушност сами со себе преговараме. Не знам како сега ќе реагира Брисел, јас да сум таму сега би барал Грција да се истреска од земја оти сите сака да ги направи идиоти, ама дали ЕУ конечно ќе покаже доблест, тоа си е нејзино прашање на совест. Она што мене ми е важно е фактот дека сега е моментот за национално обединување. Оти колку некои да се правеа луди и недоветни, еве им сега три во едно: вистина в лице, царот е гол, маските паднаа. Папуљас ни кажа да се откажеме од македонизмот, Самарас ни кажа дека ЕУ нѐ блокира, иако ние не можеме да се откажеме од тоа што сме, а гледаме дека Грција нѐ блокира. Сега на ред се политичарите. Чекам обединување, национална стратегија, црвени линии.