Иванов: Името да не биде пречка за соработка со грчките безбедносни служби

Претседателот Ѓорге Иванов ја повика Грција да не дозволи соработката меѓу двете земји во областа на безбедноста и понатаму да биде заложник на нерешениот спор за името.

Претседателот Иванов оваа порака ја упати на вчерашниот брифинг за група новинари од некои од водечките грчки медиуми во врска со бегалската криза, кои се во посета на Македонија.

– За време на самитот за бегалската криза во Брисел имав средба со премиерот Алексис Ципрас и разговаравме за оваа тема, за прашањата за движењето на терористите и странските борци. Побарав да почнеме да добиваме најави, кога доаѓаат грчките бродови со бегалци, колкави групи луѓе надоаѓаат, за да можеме да се мобилизираме. Во еден ден имаше 14.000 луѓе на границата, без никаква најава. Единствено ниво на комуникација има меѓу полицајците на терен. Премиерот Ципрас вети дека ќе го иницира ова, но се уште немаме одговор. И директорот на Бирото за јавна безбедност упати барањето до својот хомолог во Грција, но нема одговор. Нешто ќе мора да се менува на ова поле, изјави претседателот Иванов на средбата со грчките новинари.

Претседателот Иванов подвлече дека, и покрај најавите за соработка по неодамнешниот самит свикан од претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, Македонија се уште нема пристап ниту до базите на податоци на Фронтекс и Шенгенската заедница, дури ниту за да може да доставува информации кои македонските служби ги собираат во текот на бегалската криза.

– Прашањето на спорот за името ги блокира другите прашања, со кои сме оптоварени сега. Во овој момент ни е потребно нивото на доверба и соработка да бидат подигнати на максимум. Мораме да имаме соработка меѓу нашите полициски служби. Прашањето за името не може да биде изговор за да нема соработка меѓу безбедносните служби, изјави претседателот Иванов.

На прашањето на грчките новинари кои се македонските планови во врска со оградувањето на границата кон Грција, претседателот Иванов рече дека е зачестена појавата на обиди да се мине границата надвор од определениот премин во близината на Гевгелија, и се очекува оваа појава да зачести, особено по воведувањето на рестрикциите за мигрантите кои не доаѓаат од завојуваните подрачја од страна на балканските земји. Поради тоа, додаде Иванов, потребно е да се затворат споредните патеки кои бегалците ги користат за влез во Македонија.

– Се повеќе поединци се обидуваат да ја избегнат точката за регистрација. Економските мигранти воопшто не сакаат да се регистрираат. Ние најавивме дека, доколку европските земји почнат да го ограничуваат влезот на бегалците, тоа ќе го сториме и ние. Австрија, Словенија, Хрватска почнаа со ограничување на влезот на мигрантите, Србија почна да враќа луѓе во Македонија. Ние од утринава го правиме истото на јужната граница, изјави претседателот Иванов.

Дека драмата со бегалците почнува да го засенува и спорот за името потврди и градоначалникот на Солун Јанис Бутарис, кој исто така престојува во посета на Македонија. Бутарис изрази длабока загриженост од состојбата со бегалците, откако Македонија ја затвори границата за мигрантите од сите држави освен тие што доаѓаат од земјите во кои навистина има војна – Сирија, Ирак и Авганистан. Македонија оваа мерка ја воведе по примерот на повеќе други балкански држави.

Бутарис изрази загриженост дека растечкиот број бегалци од Иран, Пакистан, Бангладеш и од африканските држави, кои грчките власти ги насочуваат кон Гевгелија, но сега остануваат од грчката страна на границата, со доаѓањето на зимата ќе побараат засолниште во Солун.

– Имаме проблем во Грција, со делумното затворање на северната граница. Со тоа текот на бегалци е запрен и имаме сериозни проблеми, како да обезбедиме сместување за нив, но се надевам дека ова ќе се разреши утре. Ние почнавме да подготвуваме план за справување со кризата, бидејќи зимата доаѓа и ако имаме поголем број на бегалци запрени во околината на Солун, повеќето ќе дојдат во Солун, изјави градоначалникот Бутарис.

Грчките новинари, кои се во Македонија во рамките на програма за развој на соработката, воспоставена преку американскиот универзитет Колумбија, рекоа дека ова прашање предизвикува значителна загриженост во Грција, поради што се очекува грчкиот министер за миграција да ја посети границата кај Гевгелија. Универзитетот Колумбија и нивниот професор Дејид Филипс организираа и посета на границата од страна на омбудсманите на Македонија и Грција, со цел тие да изработат заедничка оценка на состојбата. Во рамките на програмата за подобрување на односите меѓу Македонија и Грција, во петокот се одржа и потпишување на меморандум за соработка меѓу Сојузот на стопански комори и бизнис групација од Грција, а градоначалникот Бутарис се сретна со претседателот Иванов и со градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Бутарис рече дека на средбата со претседателот Иванов разговарале за ниското ниво на политички контакти, при што Грција подолго време одбива средби на највисоко ниво. Бутарис рече дека е невообичаено што поради оваа ситуација, македонскиот претседател со години не бил во посета на Солун. Градоначалникот Бутарис, кој потекнува од влашко семејство од крушевско и е познат по својот неформален став и по честите посети на Македонија, вели дека се обидува да воспоставува линии на соработка со локалните власти во Македонија, и покрај спорот за името.

– Јас доаѓам во Скопје од 1995 година. Односите меѓу двете земји се непроменети оттогаш. Чувствувам дека луѓето се многу искрени, сакаат соработка, и со градоначалникот Коце Трајановски разговаравме да имаме агенда на теми за соработка. Се обидуваме и со другите градоначалници од нашата северна граница да оствариме соработка со Битола, Куманово… Го имаме овој проблем со името на вашата земја, но ние градоначалниците не можеме да го решиме. Верувам дека на крајот тоа прашање ќе се разреши, а мојот пристап е многу позитивен за одржување на соработката”, изјави Бутарис за МИА.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.