Брисел речиси празен, втор ден вонредни мерки

По терористичките напади во Париз кои се случија пред девет дена во Брисел денеска втор ден на сила се највисоките мерки за безбедност.

Улиците во белгискиот главен град се воглавно празни, а полициската потрага по осомничениот напаѓач од Париз, Салах Абделслам продолжува, јави Танјуг.

Белгискиот национален Кризен центар од вчера ги зголеми мерките за обезбедување во Брисел на ниво четири, што означува – сериозна и непосредна опасност од терористички напади.

Официјални лица препорачаа откажување на сите спортски натпревари и активности на јавни места како и затворање на трговските центри. Во план е попладне да се одржи состанок на белгискиот Регионален совет за безбедност на кој ќе се одлучува за можни следни мерки.