ВИДЕО: Членовите на „Eagles of Death Metal“ го опишаа хоророт во Батаклан

Во Париз загинаа 130 луѓе за време на терористичките напади, а најголем број загинати имаше во концертната сала „ Батаклан “, вкупно 89. Таму настапуваше американскиот бенд „Eagles of Death Metal“, а неговите членови за првпат се огласија во јавноста.

-Една од главните причини поради кои толку луѓе се убиени е таа што многумина од нив не сакаа да ги напуштат своите најблиски или пријателите. Тие одбраа да останат да помогнат, отколку да избегаат и да се спасат. Неколку луѓе се сокрија во нашата гардероба, но убијците влегоа внатре и ги убија сите освен момчето коешто се криеше под моето кожно палто. Луѓето се претвораа дека се веќе мртви, беа многу исплашени – изјавил фронтменот на бендот Џес Хагс во видео интервјуто објавено на порталот Vice.

Тој, веднаш откако го слушнал пукањето, со остатокот од бендот побегнал од сцената.

Бендот на почетокот на неделата издаде и соопштение во кое уште еднаш се осврна на терористичкиот напад што се случи во „Батаклан“.

-Иако сме дома, на безбедно, згрозени сме и се уште се обидуваме да се справиме со она што се случи во Франција. Нашите мисли и срца се во прв ред со нашиот брат Ник Александар, со колегите од музичката куќа Томас Ајада, Мари Мосер и Ману Перез, и со сите пријатели и обожаватели кои го изгубија животот во Париз, како и нивните пријатели, семејства и сакани. Иако нас со жртвите, обожавателите, нивните семејства, граѓаните на Париз и со сите оние погодени од тероризмот не спои тагата, горди сме што стоиме покрај нашето ново семејство, сега обединети со заедничка цел на љубовта и емпатијата. Сакаме да им се заблагодариме на француската полиција, ФБИ, Министерството за надворешни работи на САД и на Франција и посебно на оние кои се најдоа на местото на настанот со нас и помагаа едни на други најдобро што можеа во текот на ова незамисливо искуство, докажувајќи уште еднаш дека љубовта е посилна од злото. Сите настапи на „Еглс оф дет метал“ се откажани на неопределено време. Да живее музиката, да живее слободата, да живее Франција, да живее „Иглс оф дет метал“ – изјавиле членовите на бендот.

Погледнете го видеото во кое тие зборуваат за нападите.