200 евра казна за родителите од Велес чие дете не посетува настава поради непримена вакцина

Родителите на првачето од ОУ „Блаже Конески“ во Велес, кое сè уште не посетува настава затоа што ја нема примено потребната вакцинација, добија глоба од 200 евра, пишува Засе.мк.

Станува збор за случајот во кој првачето наводно било отстрането од настава со полиција, но како што информираа од СВР Велес, тоа не било бо контакт со полицијата.

Од здружението „Од нас за нас“ информираат дека детето било запишано во текот на мајскиот уписен рок, за да на 4 септември директорот усно им соопшти на родителите дека детето не е примено.

Зошто е тоа така – родителите не добиваат писмен одговор. Немајќи писмен одговор, родителите продолжуваат да го носат детето на училиште, за да подоцна биде отстрането од настава со полициска асистенција.

Родителите поднесоа претставка до Инспекцискиот совет, по којашто тие не можат да се произнесат заради тоа што МОН сè уште нема доставено решение, вели Гордана Гоџо од Здружението.

Директорот на ОУ „Блаже Конески“ – Велес, исто така јавно го повикал МОН за решение за случајот.

По инцидентот со полицијата, родителите одлучуваат да почекаат официјално решение и известување, за детето да не трпи дополнителни психолошки трауми.

Од страна на ДПИ, на родителите деновиве им стигна прекршочен платен налог, со кој се одредува глоба од 200 евра, во денарска противвредност. Глобата е изречена според член 168, став 4 од Законот за основно образование: „Глоба во износ од 200-250 евра е предвидено за родителот, старателот ако не му овозможи на своето дете да ја исполни обврската за задолжително основно образование и воспитание“. Се прашуваме кој овде треба да биде казнет? По чија вина всушност детето не е во училиште?, прашуваат од Здружението.

Од „Од нас за нас“ додаваат дека додека Министерството за образование не може да се одлучи дали ќе го почитува Уставот, родителите и децата страдаат.