200-те

Лесно можеше да се случи, првичната група од 200 да стане 300, но и без тоа асоцира на познатиот филм за Спартанците. Група на луѓе, кои во ниту еден момент не се прогласија за интелектуалци, ами излегоа со отворено писмо, со своите имиња и професии (од професори, до уметници, писатели, архитекти, стопанственици), а сепак станаа „Спартанци“.

Иако е точно дека огромен дел од јавноста (би рекла, обичните луѓе – колку секој од нас да си е необичен на свој начин) со големо одобрување го прими апелот до политичките елити (подеднакво, власта и опозицијата), за оној официјалниот дел на јавноста, тие станаа „Спартанци“ со негативна конотација: т.е. закоравени воини, националисти, заостанати и антизападно ориентирани примитивци, квазиинтелектуалци, и сл. Иако, во филмот 300-те, всушност, ја бранат западната цивилизација од крвожедните источни орди; овде сцената се претстави обратно: 200-те наводно се спротивставија на Западот. Немам намера да го прераскажувам прогласот, но неговата суштина беше да се спротивстави на наметнатиот молк и превезот на конспиративност со кој елитите му пристапија на процесот на забрзани преговори за промена на уставното име (т.е. „сетот на идеи“ кој ги опфаќа и одредниците за јазикот, идентитетот, трговските кодови, топонимите, историските учебници, па дури и интернет доменот). Најголемиот ерес на потписниците, меѓу кои сум и јас, е што предложија АЛТЕРНАТИВА за решавање на т.н. проблем со името, и тоа ПРАВНА, онаа за која со години зборува колегата Игор Јанев. Но, во земја во која ниту за националното, ниту за меѓународното право се негува некаков респект (од газењето на човековите права, корупција и културата на неказнивост, па сѐ до поддршка и учество во воени интервенции во светот, дури и кога се спротивни на уставот и меѓународните норми), споменувањето на правна солуција претставува знак на аларм. Оние на власт веруваат дека подобро се снаоѓаат со политика, која сака флексибилност, особено во делот на рбетот.

Потписниците веруваа дека ќе бидат игнорирани од елитите – бидејќи, веројатно, тоа ќе беше помудар потег (гледано, низ макијавелистичка призма). Но, аматери какви што се, а за нивото на политичка култура и да не зборувам, се впуштија во дисциплината што ја употребуваше ВМРО-ДПМНЕ, а којашто тие ја усовршија. Репертоарот на ad hominem напади и дисквалификации беше/е толку долг и непристоен, што не вреди да се споменува, а камо ли да се полемизира со некој кој не се ни осврнува на аргументите од прогласот. Се воздржавме од натпревар во „плукање на неистомисленикот“ од две причини. Првата е онаа поради која Џорџ Бернард Шо кажа „одамна научив да не се борам со свиња: ќе се извалкам со кал, а згора на сѐ, на свињата тоа ѝ се допаѓа!“ Втората е посуштинска: во атмосфера на јавен линч секој обид за дебата и разумен разговор е разговор на глуви. Еден дневен весник, кој се претставува како Слободен, осамна со насловна страница на која „200-те“ не само што беа наречени интелектуалци во пежоративна смисла, туку и беа „топтан“ наречени интелектуална логистика на груевизмот (иако, и Груевски лично и груевистите се помали од зрно мак, додека спасуваат своја кожа). Подоцна нивните новинари побараа изјави!? Секој пристоен човек ќе одбие да разговара со новинар кој однапред го осудил, без да го сослуша. Интересно е што оној дел од потписниците кои пред три години беа делови на Професорскиот пленум, токму оние кои беа заокружувани, маркирани од тогашната власт, чии интимни стории се наоѓаа на насловни страници, кои беа омаловажувани од „понављачите на власта“ (како што милуваше да ги нарекува Најчевска) – доживеаја „дежа ву“. Тогаш беа нарекувани недоветни, мрзливи, неостварени, странски платеници и слично – сега се истото тоа, ама „понављачите“ се од реформската власт, за чие доаѓање на чело на државата помогнаа и тие. Сосема е небитно колкумина зазеле јавен став (Лупевска веднаш го именуваше „таканаречен проглас“), битно е што плејада новинари, активисти, професори, аналитичари, вклучувајќи и членови на владата, покажаа неверојатно непочитување на она што е елементарна цивилизациска и европска вредност: слобода на мисла и говор, како право на избор, на сопствен став, и граѓанска партиципација во политичкиот процес.

Токму кога мислевме дека оваа влада сака polites, се покажа дека преферира idiotes. И сега сме одново на почеток, онаму каде што Груевски почна да ја дисциплинира мислечката елита, заевистите одлучија да ја замолчат. „Дојче Веле“ на македонски јазик објави колумна во која „аналитичарот“ предложи „200-те“ да се извезат, што е еуфемизам за протерување, нешто карактеристично за сталинизам. Секоја таква власт така постапува со оние кои не може да ги замолчи, а кои имаат „опасно“ влијание врз јавното мислење. Сомотска тупаница за која пишував минатата недела, по објавувањето на прогласот е симната. Суптилни и не толку суптилни закани доаѓаат од сите страни. Поединците имаат различна „точка на топење“, па таквите абери внесуваат и страв и загриженост, но можат да предизвикаат и обратен ефект. Деновиве снимав радио емисија со грчка новинарка која известува за европските медиуми на француски јазик; разговаравме, меѓу другото, и за содржината на прогласот. Таа ме разбра подобро од нејзините македонски колеги. Тоа беше убав и топол разговор, и нескромно ќе кажам дека таа изрази жалење што во Грција има многу малку интелектуалци како мене, кои не се националисти. Прснав од смеа и ѝ објаснив дека поради овие мои ставови јас сум овде денунцирана како националист. Замина загрижена од сознанието дека слободата на говорот станала колатерална жртва на процесот за преговори за името, за кој дури и Меркел порачуваа да се води нетранспарентно и што подалеку од јавноста.

Деновиве некои од нас прашаа: ако веќе треба да се смени името erga omnes, и за домашна и за меѓународна употреба, тогаш што добиваме за возврат? Дали НАТО е доволна награда? Или ова „историско“ брзање е за да добиеме десетта по ред препорака за почеток на преговори за ЕУ, кои ќе траат најмалку десетина години, ако воопшто и влеземе? Атмосферата исполнета со закани, информативни разговори за ФБ статус, спинови во кои оние кои од позиција на власт се закануваат се прикажуваат себе си како цел на атак од „200-те“, па и ширење тези дека ја загрозуваат националната безбедност/гордост (sic!) поради барање спорот да се реши преку Генералното собрание на ОН, веќе може да се нарече страховлада (на ум ми паѓа книгата на Војин Димитријевиќ). Што ќе значи влезот во НАТО и преговарањето со ЕУ, ако патем паднеме на елементарниот испит на демократијата.? За да бидете членка на НАТО не мора да сте демократија (Турција или Унгарија), а членството во ЕУ е толку далечно и неопипливо, што е многу поголема веројатноста дека без менување на авторитарниот склоп на владејачките структури и нивните пропагандисти, сиот тој пат ќе биде бескорисен.

П.С. Што се однесува до „200-те“, сега се веќе близу 9000 – и никој не претендира дека е интелектуалец, доволно е што е граѓанин.

Автор: проф. др Билјана Ванковска за Нова Македонија