Пандев си заминува од Џенова – следна дестинација ќе му биде Аталанта

Струмичкиот напаѓач од страна на Гасперини не ја доби вистинската шанса во Џенова и е на излезните врати на клубот, а една од екипите кои се заинтересирани за нашиот фудбалер е Аталанта.

Главна мета на “црно-сините” во зимскиот преоден рок беше Усама Танане, но холандскиот фудбалер барал преголема плата, па така, нова желба е незадоволниот Пандев, кој е интересен и за калчолигашите Палермо и Торино.

Клубот од Бергамо потенцира дека Пандев би бил одлично засилување за тимот затоа што може да игра како втор напаѓач, зад Герман Денис, а исто така голем плус е и неговото искуство во Серија А. Аталанта веќе ги остварила првичните контакти со Џенова за трансфер на Пандев, а епилогот ќе биде познат во наредните неколку дена.

Пандев оваа сезона за Џенова одигра вкупно десет средби и уште чека на својот деби-гол. Покрај за Џенова, струмичкиот фудбалер на Апенинскиот полуостров настапуваше за Лацио, Наполи, Интер, Специја и Анкона, а исто така има и искуство во Турција, поточно во редовите на Галатасарај.