Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски денеска оствари средба со високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства Астрид Торс.
На средбата се разговарало за повеќе теми од областа на заедничката соработка, реформите, мултиетничкото општество и етничките групи, како и имплементацијата на критериумите и реализацијата на проектите кои се во насока на унапредување на довербата.
Груевски на средбата истакна дека Владата посветено вложува напори и спроведува мерки за промовирање на интеграцијата на различните етнички заедници во сите области од животот со цел осигурување на долгорочна кохезија на македонското општество. Притоа посочи дека образованието е основен елемент во овој поглед и според тоа неговиот развој и унапредување ќе продолжи да биде еден од приоритетите на новата Влада.
Премиерот, исто така, ја реафирмираше посветеноста на Владата на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор при што беше посочено дека е постигнат значителен напредок во областите на правична застапеност на сите етнички заедници, што допринесува за градење на меѓусебна доверба и насочување на капацитетите кон постигнување на општествен напредок. На средбата стана збор за актуелните предизвици и начините за нивно надминување што дополнително ќе придонесе за релаксирање на односите за што е потребна ангажираност на сите релевантни чинители и дејствување во насока на нивно надминување.