
По „Фолксваген“, нов скандал го тресе светот, овој пат на удар се правосмукалките. Компанијата „Дајсон“ отпочна легална процедура против ривалните производители на правосмукалки „Бош“ и „Сименс“, заради скандал кој во голема мера наликува на скандалот со Фолксваген, пишува британски „Индепендент“.
„Дајсон“ тврди дека правосмукалките на „Бош“ и „Сименс“ се произведени на тој начин да делуваат поефикасни за време на тестирањето отколку во реалната употреба. Имено, тие се продаваат како да се од енергетска класа А+++, но во домашна употреба тие се со енергетска класа Е или Ф.
Овие апарати имаат вграден сензор што им кажува да користат повеќе енергија кога се полни со прашина. Тоа значи дека за време на лабораториските тестирања користат помалку енергија, затоа што тие се тестираат без да вшмукуваат прашина, но кога се користат во домот се многу помалку ефикасни.
Џејмс Дајсон, основачот на компанијата го поврзува овој скандал со оној на Фолксваген.
Слично како режимот за тестирање на дизел моторите во автомобилите, Европската регулатива посочува дека правосмукалките се тестираат во лабораторија без да се реплицираат условите од реалноста, што води до неточни резултати, вели Дајсон.
Според компанијата, правосмукалките треба да бидат тестирани во дневна соба, а не во лабораторија, а во однос на енергетската ефикасност треба да се земат и потрошните материјали како што се ќесите и филтерите што ја загадуваат околината.
„Бош“ и „Сименс“ засега ги отфрлаат наводите на „Дајсон“. Оттаму велат дека сите апарати се во согласност со Европските енергетски регулативи. Како што наведуваат, перформансите на апаратите во домот се во целост идентични со оние во лабораторија.