Николоски: Датумот за предвремени избори е условот за лидерска средба

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување во вестите на Канал 5 вели дека услов без кој не може да се продолжи по однос на лидерска средба што Заев ја бараше, е да има определување на датум за предвремени избори.

Тој истакна дека Македонија не може да продолжи со оваа Влада и мора јасно сите граѓани да знаат кога ќе се случат предвремените парламентарни избори.

-За да седнеме на една таква лидерска средба мора прво овие прашања да се затворени и затоа работните групи ќе разговараат. Доколку успеат да постигнат напредок, спремни сме на една лидерска средба да разговараме за предвремени парламентарни избори, потенцираше Николоски во своето гостување.

Тој посочи дека без датум не може ништо друго да поминеме во Собранието без разлика дали експертските групи ќе се согласат или не.

-Ние ќе продолжиме силно да притискаме за предвремени парламентарни избори. Тие можат да се случат со договор што ние би го направиле со СДСМ и со останатите политички партии, за определување на датум. Или можат да се случат преку масовни протести на улица, истакна Николоски.

Николоски појасни дека сега останува избор на Зоран Заев. А, доколку Зоран Заев не се вразуми и во разумен рок не се определи заеднички датум за предвремени избори, датумот за предвремени избори ќе го определат уште оваа есен граѓаните на улица.

Според Николоски, дипломатите кои минатата недела ја посетија државава, (Филип Рикер и Јоханес Хан) не беа правилно информирани за процесите во државата.

– Јас мислам дека не се работи за прашањето за конструктивност, туку се работи за прашањето односот на Владата. Владата ја има таа предност секогаш со дипломатите прва да комуницира и најчесто кога ги даваат пораките дипломатите мислат дека тие се вистинити и точни. За жал, овде не беа правилно информирани во однос на состојбите во државата. Кога дојдоа тука тоа ги увидоа во разговорите кои што ги имавме и сега работата е јасна, појасни Николоски.

Николоски додаде дека не се работи тука дали некој е конструктивен или не е конструктивен. Туку Заев се обиде да докаже дека може сам да ги води политичките процеси во државата, но не може, затоа што веќе со последните случаи со корупција е легитимиран.

-Основата на нивното однесување е да продолжат со политичкиот притисок врз опозицијата и со политичкиот прогон. А, основата на нашето однесување е да создадеме систем во кој што сите оние кои што направиле криминал ќе одговараат. И тоа е една крупна разлика. Затоа што оваа Влада постои трета година, а ниеден функционер за ништо не одговара. А, имаме секој ден скандали, нагласи Николоски.

Николоски посочи дека во моментот во државата нема систем кој што може да воведе одговорност на актуелни функционери.