Превенцијата дава резултат, се намалува бројот на жени со тешки форми на рак на грлото на матката

Околу 150 жени или 15 на 100.000 жени заболуваат од рак на грлото на матката, годишно во земјава, според податоците на Институтот за јавно здравје.

Според податоците од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, на оваа Клиника во 2019 година се третирани 111 случаи на карцином на грло на матка, додека во 2020 година бројот е зголемен и изнесува вкупно 140 случаи.

Секоја година, Министерството за здравство изготвува посебна Програма за рана детекција на малигни заболувања, во која е предвидено спроведување бесплатен скрининг за рано откривање на ракот на грлото на матката, со кој во период од три години се опфатени следните возрасни групи: 24-35 години, 36-45 години и 46-61 година.

„Во рамки на организираниот скрининг годишно се испраќаат во просек околу 53.000 покани, а процентот нa жени кои примиле покана изнесува околу 88,3%. Од нив, околу 60 проценти од жени се тестираат со ПАП тест или во просек годишно се прават по 24.000 ПАП тестирања, пришто се откриваат брисеви со околу десет проценти епителни клеточни абнормалности во вкупно цитолошки анализираните брисеви или во просек по 2.400 брисеви годишно се со позитивни наоди“, соопшти Министерството за здравство, кое го одбележува месецот на борба против ракот на грлото на матката.

Во првите три квартали од минатата година испратени се околу 12.000 покани од страна на гинеколози кои се вклучени во Програмата, а направени се 9.000 ПАП тестови, при што се откриени околу 900 брисеви со одредени клеточни абнормалности, што исто така претставува десет проценти од вкупниот број цитолошки анализираните брисеви.

Бројот на жени со тешка форма на карцином, како што се плочестиот карцином суспектен за инвазија и инвазивниот плочест карцином е сѐ помал.

„Токму тоа е и целта на превентивната програма на Министерството, рано и навремено откривање на ова заболување, што придонесува за намалување на стапката на смртност од ова заболување“, нагласуваат од Здравтсво.

Во 2019 година, Министерството го осовремени Календарот за имунизација со обезбедување на четиривалентна ХПВ вакцина, со која се замени дотогаш користената двовалентна вакцина. ХПВ вакцината штити од четири опасни типови на хуман папилома вирусот. Покрај превенција од предмалигни генитални лезии, предмалигни анални лезии, канцери на грлото на матката и анални канцери, дополнително превенира и генитални брадавци.

Од Министерството додаваат дека токму во 2019 година е зголемен опфатот со вакцинација со ХПВ вакцина во споредба со претходните години.