
Бројката пријавени случаи на детска порнографија во првата половина од 2021 година речиси е удвоена, објави Германското биро за борба против криминалот (BKA), пренесуваат во понеделникот германските медиуми.
„Во првите шест месеци од 2021 година забележавме речиси иста бројка на пријавени случаи на детска порнографија како во целата мината година“, изјави челникот на BKA, Холгер Мунх во разговорот за дневното издание на таблоидот Bild.
Според него, расте и бројката на пријави и на покренати постапки поврзани со случаите на прикажување и растурање материјали коишто содржат детска порнографија, што на истражните органи им предизвикува големи тешкотии.
„Забележителниот раст на ваквите случаи ја доведуваат полицијата до границите на нејзините можности, како и во техничка, така и во кадровска смисла“, рекол Мунх.
Претседателот на BKA вели дека истовремено е забележан остар раст на кибернетичкиот криминал, што е тренд кој започнал минатата 2020 година.
Мунх укажал и на растот на случаи на измами во сферата на субвенцинирањата, коишто земјата ги исплаќа во текот на пандемијата на коронавирусот.
„Поаѓаме од тоа дека бројката на овие случаи ќе се удвои, што е поврзано со измамите во врска со државната помош за претприемачите поради претрпените штет во текот на пандемијата“, рекол Мунх.