
Се очекува денеска попладне од болницата „Пирогов’ во Софија да бидат отпуштени уште тројца пациенти кои беа повредени во автобуската несреќа на автопатот „Струма“ на 23 ноември. Се работи за маж и неговата сопруга и за млада девојка, кои ќе бидат префрлени во земјава, соопшти дописникот на МИА од Софија.
Според официјалното соопштение од болницата, пациентите се во стабилна и добра општа состојба. Во моментов на Клиниката за изгореници и пластична хирургија има четири пациенти кои ноќта ја поминале според очекувањата на медицинскиот персонал во болницата и без промени од вчера.
Пациентот кој е хоспитализиран на Клиниката за неврохирургија закрепнува и веќе се движи. Тој имаше две успешни операции – на потколеницата и на ’рбетот.