Николоски: Многу внимателно да се преговара со Бугарија, досега најмалку 3 договори не се испочитувани од бугарска страна

„Бугарија нема позитивно минато на исполнување на договори со Македонија. Досега има најмалце три договори кои што не се испочитувани од бугарска страна, во 90-тите Глигоров – Желев, после тоа 99-тата година Георгиевски – Костов, и после 2017-тата година кога имаше договор меѓу Заев – Борисов. И ниеден од тие договори не се испочитува. И затоа мислам дека мора многу внимателно да се влегува во процесот на договарање пред се во однос на гаранции кои што досега ги немаше во досегашните договори, затоа што сепак имаме проблем со Бугарија, а не со Данска“,истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Утрински Брифинг“.

Николоски додаде дека не се случи лидерска средба откако Димитар Ковачевски беше избран за премиер.

„Кога беше избран Димитар Ковачевски иницираше лидерска средба која што како што гледате не се случува иако не сакам да бидам индискретен но во одредени комуникации кои што ги има во рамки на Собранието повеќе пати сме прашале што е намерата за лидерската средба. Сега таква комуникација нема односно за жал не се случи таа лидерска средба. А, најдобар начин да се разменат мислења е на еден таков тип на средба каде што ќе се види кој каде е. А, сега одиме само на претпоставки. Имајќи во предвид минатото и имајќи в предвид искуства од минатото ние нормално е да сме сомничави“, појасни Николоски.

Николоски посочи дека мора многу внимателно со Бугарија, таму за жал мнозинство од политичката елита не гледа пријателски кон Македонија, и пред се македонскиот народ како доминантен во рамки на Македонија.