
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се интересирал за „љубовниот живот“ на неговиот француски колега по должност Емануел Макрон, чувал доверливи документи за „темата“ и зборувал за тоа во тесен круг луѓе, објавија медиуми.
Во тесен круг на своите доверливи луѓе Трамп своевремено се пофалил дека ги знае пикантериите од интимниот живот на Макрон, објави во вторникот вечерта магазинот Rolling Stone.
Повикувајќи се на два неименувани извора, весникот наведува дека француските власти биле запознаени со таквите изјави на Трамп и се обидуваат да откријат за какви компромитирачки сознанија станува збор.
„Самата информација за нивно постоење (компромитирачките материјали) предизвика вознемиреност од двете страни на Атлантикот… Зборовите на Трамп за ‘шушкањата’ за наклонетоста на Макрон за кој знаат ‘не многу луѓе’, само ја зголемија тревогата. И француските и американските функционери работеа да откријат што точни Трамп поседува за Макрон и за француската влада“, го цитира весникот еден од своите соговорници.
Според него, еден од документите запленети од агентите на американското Федерално биро за истраги (FBI) при неодамнешниот претрес на имотот на Трамп во Мар-а-Лаго на Флорида бил насловен со „Информација во врска со претседателот на Франција“. Нејасно е дали тие документи се поврзани со интимниот живот на Макрон.
Слична информација споделиле и извори на весникот The Daily Mail, кои потврдиле дека постојат сознанија дека Трамп бил заинтересиран за поединости од „љубовниот и сексуален живот“ на Емануел и чувал компромитирачки материјали за францускиот челник.
Овие извори прецизирале дека при споменатиот претрес агентите на FBI пронашле „една папка со досиеја“, кои содржеле детали од приватниот и сексуалниот живот на Макрон, потврдувајќи ги наводните фалби на Трамп за „разузнавачките сознанија“.
Според соговорниците на весникот, Трамп пред нему блиски луѓе тврдел дека дошол до компромитирачки сознанија за Макрон прегледувајќи ги доверливите документи добиени од американското разузнавање. Сепак, истакнале изворите, тешко е да се одреди што од тоа е вистина, бидејќи поранешниот претседател бил познат по „сплеткарењата“.
Во прилогот на The Daily Mail се наведува дека не е првпат Трамп да се интересирал за сексуалните навики на луѓе со кои соработувал, и во политиката и во деловниот свет. Се потсетува на мемоарите на поранешната портпаролка на Белата куќа, Стефани Гришам, во кои се наведува дека во текот на лет со претседателскиот авион „ Air Force One“, Трамп здогледувајќи го канадскиот премиер Џастин Трудо, ја тргнал настрана и „даде груба изјава за сексуалниот живот на мајката“ на канадскиот челник.
Во книгата на репортерите кои известуваа од претседателскиот мандат на Трамп, исто така, се тврди дека тој ја озборувал врската на водители на телевизиската мрежа MSNBC во текот на изборната кампања во 2016 година.