Фудбалерот Гринвуд задржан во притвор

Фудбалерот на англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед, 21-годишниот Мејсон Гринвуд, е задржан во притвор под обвинувањата за напад, силување и закана со убиство, а по сослушувањето пред судот во Манчестер во понеделникот.

Гринвуд викендов беше уапсен под обвинување дека ги прекршил правилата за кауцијата, се наведува во полициското соопштение.

Инаку, фудбалерот во јануари годинава беше осомничен за сето она за што сега се товари.

Во истиот момент неговиот клуб Манчестер Јунајтед го суспендираше од тимот на неодредено време. Покрај тоа, и компанијата за спортска опрема „Nike“ го раскина претходно потпишаниот договор со него.

Кон крајот на јануари Гринвуд беше уапсен откако на социјалните мрежи се појавија фотографии и видео снимки на кои се гледа девојка со раскрварено лице и со бројни модринки по телото, а сето тоа го пласираше со пораката „До сите кои сакаат да знаат што навистина прави Мејсон Гринвуд“.

Гринвуд ја мината академијата на Јунајтед, а за првиот тим дебитираше во 2018 година. Ги мина сите репрезентативни селекции и впиша еден настап за селекцијата на Англија.