
Кинескиот претседател Кси Џинпинг му оддаде почест во вторникот на поранешниот кинески челник Џианг Цемин, истакнувајќи дека осигурил опстанокот на владејачката Комунистичка партија во времето на „политичките бури“ и ја реформирал за да внесе нова виталност и да го модернизира стопанството на земјата.
Џианг, кој почина минатата среда на 96-годишна возраст, ги збунуваше скептиците со низата остварувања откако ја извлече Кина од дипломатската изолација во времето по крваво задушените протести на пекиншкиот плоштат Тијананмен, ги поправи односите со САД и го надгледуваше економскиот процут без преседан.
Зборувајќи на државната комеморација во Големата сала на народот во Пекинг, Кси рече дека Џианг го преземал водството кога партијата, армијата и државата биле во „сериозен момент на надворешен притисок и внатрешни тешкотии“, алудирајќи на протестите од 1989 година на Тијананмен, кои и денес се причини за западните критики на кинеските политики.
„Во доцните 1980-те и раните 1990-те се случија сериозни политички бури дома и во странство, а светскиот социјализам доживеа сериозни компликации. Некои западни земји ги наметнаа ткн ‘санкции’ на Кина“, рече Кси пред аудиториумот во кој беше највисокото кинеско водство и Ху Џинтао, директниот наследник на Џианг Цемин.
Меѓутоа Џианг, продолжи актуелниот претседател, истапи за да ја поттикне реформата и отворањето, да ја зајакне поврзаноста на партијата со народот, се вклучи во демократските борби и ги поддржа кинеската независност, достоинството, сигурноста и стабилноста.
Џианг, кој беше кремиран во понеделникот, имаше цврсти убедувања и беше решителен, рече Кси посочувајќи уште дека „Имаше исклучителна храброст да донесе смели одлуки и голема храброст да ја спроведе теоретската иновација во критичните моменти“.
Сирените за воздушна тревога се огласија на три минути во цела Кина во 10 часот утрото по локално време на почетокот од церемонијата, а пазарите на акции, валути и обврзници го запреа тргувањето, исто така, за три минути. Сите присутни на комеморацијата стоеја додека зборуваше Кси и носеа бели хризантеми, традиционалниот кинески симбол на тажење.
Смртта на Џианг Цемин предизвика бран од носталгија по релативно полибералните времиња во кои тој владееше. Според западните коментатори, неговата смрт дојде во „бурен период“ во Кина, каде што власта се справува со „ретко видените улични протести“ на населението поради строгите епидемиолошки прописи во справувањето со коронаворусот и три години по избувнувањето на пандемијата.
Оценувајќи ја смртта на Џианг како „непроценлива загуба“, Кси рече дека земјата мора тагата да ја претвори во сила и да го искористи неговото наследство за „испишување ново поглавје“ во развојот на партијата.
„Не верувајте во злото, не плашете се ниту од сеништата, ниту од притисоците и дајде сѐ од себеси да ги надвладеете сите видови тешкотии и предизвици на патот нанапред“, порача Кси.