Грузискиот премиер предупреди дека власта нема да дозволи отворање втор фронт

Владејачката партија Грузиска мечта нема да дозволи отворање втор фронт во конфликтот со Русија во неговата земја, откако на опозициските антивладини протести во Тбилиси се забележани десетици активисти од Украина, кои според грузиската влада имаат цел да ги радикализираат протестите, предупреди во неделата во телевизиско интервју премиерот Иракли Гарибашвили.

„Знам дека неколку десетици лица дошле од Украина. Сакам да им се обратам: да немате илузии и очекувања дека нешто ќе се случи тука. Сакам да им порачам на сите борци во Украина да им се вратат здрави на своите семејства, но апелирам да не им подлегнувате на валканите провокации. Знаеме многу повеќе отколку што тие можат да замислат“, рече премиерот Гарибашвили.

Според грузиското општество во моментов се наоѓа на „највисоко ниво“, и порача дека сѐ додека неговата партија Грузиска мечта е на власт, нема да дозволи отворање втор фронт, без директно да ја спомене Русија.

На украинското боиште се борат најмалку неколку стотици грузиски војници кои стапиле на служба во украинските вооружени сили или се приклучиле на ткн „Странски легион“. Некои регионални политички коментатори стравуваат од намерите на Киев да предизвика преврат во Тбилиси и ескалација на грузиско-руските односи што, како што се надеваат, би придонело за попуштање на рускиот притисок на украинското боиште.

Тбилиси има непријатно скорешно минато, откако во 2008 година изведе операција за заземање на двата автономни региони Јужна Осетија и Абхазија на границата кон Русија се обиде воено да воспостави своја контрола, при што загинаа и неколку руски мировници од корпусот распореден во регионот по конфликтот во раните 1990-ти и распадот на тогашниот СССР. Во жестокиот одговор на Москва, во петдневната операција руските единици излегоа пред грузиската престолнина Тбилиси по што се повлекоа на териториите на стратешките кавкаски региони.

Сепак, последните години односите меѓу двете земји се стабилизираа, трговската размена се зголеми значително во текот на минатата 2022 година по почетокот на руската инвазија во Украина, а неодамна беше објавена идејата да се возобнови авионски сообраќај меѓу Тбилиси Москва, што предизвика остри реакции од опозицијата. Европската унија изрази подготвеност во членство во перспектива да ја прими Грузија, додека НАТО е сѐ уште е воздржан во врска со грузиското членство поради жестокото противење на Русија, препуштајќи Тбилиси да пројави јасна желба.

Потпретседателот на грузискиот парламент Гија Волски во петокот објави дека група приврзаници на поранешниот претседател Михаил Саакашвили, кои се бореле на страната на Украина пристигнале во Грузија. Според неговите оцени, нивната цел е да се одржува високо запаливата атмосфера во Тбилиси.

Саакашвили, кој беше претседател на земјата од јануари 2004 до ноември 2013 година, по покана на украинскиот претседател Петро Порошенко се пресели во Украина по тамошниот преврат во 2014-та и беше регионален гувернер од 2015 до 2106 година во Одеската област, населена претежно со руско и рускојазично население којашто е под контрола на силите лојални на Киев. Таа позиција ја напушти по кавгата со Порошенко, кого го обвини за раширената корупција во Украина. Потоа беше протеран од Украина под обвинување за подготвување бунт во Украина и обид да се кандира за претседател а од 2021 година е во затвор е обвинет за злоупотреба на службената положба и прикривање на докази за кои во 2018 година беше осуден во отсуство на затворска казна, а тој тврди дека сите обвиненија против него се политички мотивирани.

Премиерот Гарибашвили, исто така, рече дека е неприфатливо учество на војници во протестите и повика да не се прават обиди за предизвикување насилни безредија во Грузија.

Минатата седмица во Тбилиси започнаа масовни протести, кои доведоа до судири во кои безбедносните сили употребија водени топови и солзавец. Мотив за протестите беше поради намерите на грузиската влада да го претстави ткн „закон за странски агенти“, кој демонстрантите ги постоветуваат со рускиот кој, пак, е препишан од оној кој во САД е на сила уште од 1939 година.

Иако иницијаторите на предлог-законот „За транспарентност на странското влијание“, кој се однесува на јавно објавување на висината на средствата и од каде тие се добиваат во грузиските медиуми и невладини и граѓански движења, тврдеа дека е „помека“ варијанта на сличниот закон во САД и го повлекоа од процедура во парламентот откако парламентот го отфрли, опозицијата и американската амбасадорка во Тбилиси, Кели Дегнан, го негираа тоа. Според нив воведениот предлог-закон ги повторува главните одредби од руското законодавство за странски агенти.

Сепак, ситуацијата во Тбилиси сѐ уште е силно тензична. Сега групи демонстранти пеејќи ја химната на Украина и веејќи украински знамиња изразуваат подготвеност „да ги вратат Абхазија и Јужна Осетија во составот на Грузија“.