Аврамовски: Начинот на разрешувањето на претседателката на Судски совет е преседан

Разрешувањето на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева многумина сметаат дека беше скандалозно, а причината беше дека наводно го криела писмото од амбасадорката на САД Ангела Агелер.

-Тоа писмо е насочено на повеќе чинители во правосудниот сектор, а некои очигледно и успеале да се пронајдат во тоа писмо. Јас се надевам дека ќе преземат нешто во врска со тоа. Што се однесува до разрешувањето на Дамева, беше изненадување и покажува дека критиките од САД имаат поголемо влијание од домашните. Како и да е, самото разрешување беше изведено на таков начин што претставува преседан, вели Дарко Аврамовски од Коалиција сите за правично судење во СТУДИО 10 на ТВ 24.

Аврамовски вели дека наводно реформите во судството започнаа со СЈО во 2016 но очигледно е дека ни треба конзистентност, ние започнуваме акции но не ги довршуваме, но сега повеќе немаме време и мора итно да се решаваат проблемите во судството.

-Немаме индикатори со кои можеме да потврдиме политичко влијание, но факт е дека има нетранспарентно постапување на Судскиот совет во континуитет. Оттука произлегува впечатокот дека станува збор за внатрешни пресметки или надворешни влијанија во Судскиот совет со начинот на кој беше разрешена претседателката на Судскиот совет. Ни законот ни подзаконските акти не дозволуваат разрешување од местото претседател на Советот без да биде разрешена и како член на Советот, вели Аврамовски.

Според него, прекршен е Деловникот на Судскиот совет.

-Целосното отстапување од процедурите и нивото на дискусија и дебата која наликуваше на инфантилно препукување, остава впечаток како да беше разрешен претседател на куќен совет. Отсуството на отчетност и свест за последиците што ги оставаат остава простор за шпекулации за мотивите на овој чин, вели Аврамовски.

Според Аврамовски ова е само почеток, а не разрешница на нештата. Денеска има нова седница, па ќе видиме како ќе се одвиваат нештата со оглед дека не беше испочитуван деловникот, додава тој.

-Секој што е дел од правосудството треба да почне да презема одговорност, а не да се иззема. Одговорност во смисла на преземање на сите позитивни и негативни нешта во професијата и да почнат поединечно да се подобруваат за целата ситуација да се промени. Преку ноќ не може да се промени целиот систем, вели Аврамовски.