Бундестагот изгласа закон за олеснето доселување на стручњаци, вклучително и од западен Балкан

Германскиот парламент Бундестагот изгласа во петокот реформа на законот за доселување на стручната работна сила и одобри продолжување на таканаречените правила за западниот Балкан со што се олеснува доселувањето на квалификувани работници од овој дел на Европа.

„Германија со овој закон го добива најмодерниот доселенички закон на светот“, изјави министерката за внатрешни работи Ненси Фасер од владејечката Социјалдемократска партија на Германија (SPD) во дискусијата којашто претходеше на гласањето.

Додаде дека најважниот чекор сега е отстранувањето на бирократските пречки коишто го оневозможуваат доселувањето во Германија.

Министерот за труд Хубертус Хеил, исто така од редовите на социјалдемократите, рече дека новиот закон е неопходен за да се овозможи доселување на широк спектар стручни работници во земјоделството „а не само академски образовани“, како што е случајот сега.

Најголемата опозициска група во Бундестагот, на Унијата на Христијанско-демократската унија (CDU) и баварската Христијанско-социјална унија (CSU) го критикуваше новиот закон поради намалување на нивото на услови коишто во иднина би требало да ги исполнуваат работниците кои доаѓаат надввор од земјите од Европската унија при доселувањето.

„Наместо да им отвори пат на стручњаците, сојузната влада сега ги намали барањата кои се однесуваат на квалификациите и познавањето на јазикот. Тоа не е исправниот начин“, рече потпретседателката на пратеничката група на демохристијаните Андреа Линдхолц.

Евроскептичната противдоселеничка десничарска партија Алтернатива за Германија (AfD), која во последните анекти се позиционира како втора политичка сила во земјата зад Унијата CDU/CSU а пред владејачката SPD, смета дека на Германија не ѝ се потребни уште повеќе доселувања.

„Во Германија не доаѓаат премалку, туку премногу луѓе и тоа оние коишто не сакаат да се интегрираат“ во општеството, критикуваше претеникот на AfD, Норберт Клејнвахтер.

Буднестагот законот го изгласа со гласовите на владејачката социјалдемократско-зелено-либералната коалиција. Пратениците од CDU/CSU и AfD гласаа против законот, додека пратениците од опозициската партија Левица се воздржаа од гласањето.

Новиот германски закон, по примерот на доселеничките земји како што се Канада и Австралија, превидува воведување систем на бодување според кој би се вреднувале аспектите како што се квалификациите, познавањето на германскиот јазик, возраста и работното искуство.

Новиот закон, исто така, би им овозможил на квалификуваните лица коишто во Германија веќе поднеле барање за азил полесно да се вклучат на германскиот пазар на трудот.

Истовремено продолжен е зголемениот контингент за работниците коишто во Германија доаѓаат во рамките на ткн правила за вработување на работниците од западен Балкан. Ова правило, воведено уште во 2016 година, овозможува доаѓање на работници од шесте земји од регионот врз основа на работен договр со германски работодавач а не според квалификациите. Сега контингентот за овие работници е зголемен на 50.000 годишно.

Реформата на законот за доселување на стручните работиници е дел од сеопфатната реформа на законот за странците, којшто, меѓу другото, го содржи и законот за олеснување на стекнувањето на германско државјанство. Владата на социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц по доаѓањето на власт најави осовременување на низа закони кои се однесуваат на доселувањето и на странците коишто веќе живеат во Германија.

На Германија, и покрај значителната бројка доселувањеа од земјите од Европската унија, како и повеќе од два милиона бегалци кои во екот на војните во Сирија и во Украина влегоа во земјата, долгорочно ѝ се потребни стотици илјади стручни работници во повеќе сектори.