Поднесени две оставки од „дигиталното“ тело на Судски совет

Членовите на Судскиот совет, судијката Лорета Горгиева и м-р Миљазим Мустафа, доставија оставки до Министерот за правда Кренар Лога и се повлекоа од членство во Советот на ИКТ, бидејќи сметаат дека нивното натамошно учество во ова тело е нецелисходно, соопштуваат од Судскиот совет.

„Советот на ИКТ дејствуваше како тим со неговиот претседател Лазар Нанев и заменичката, проф. д-р Гордана Лажетиќ и затоа сметам дека нема простор за мое натамошно учество, се вели во оставката на судијката Георгиева, пренесуваат од Советот.

Во образложението на оставката на м-р Мустафа, како што дополнуваат, наведува дека по разрешувањето на претседателот на ИКТ од страна на министерот за правда Лога и изнесените инсинуации за неправилно работење на Советот на ИКТ, како и по тврдењата на ресорниот министер за реформирање на истоимениот Совет, нецелисходно е понатаму да се биде член во ова тело.

„И покрај сѐ, горд сум што бев член во тело што ги постави темелите и ги воспостави насоките за дигитално судство и успеа да воведе алатки и сервиси кои ќе го олеснат пристапот на граѓаните до правдата и на правосудните органи, а со тоа и зголемување на довербата на правосудството, наведува Мустафа.

Министерот за правда Кренар Лога изминатата недела го разреши судијата и претседател на Совет за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи Лазар Нанев од функцијата член на Советот за ИКТ и од функцијата претседател на ова тело.

– До Судскиот совет доставив допис за отворање на постапката за утврдување на одговорност за работата на претседателот на Основен суд Кавадарци, судијата Лазар Нанев  изјави тогаш Лога.

Тој појасни дека по добивање и анализа на материјалите за седница на Судскиот совет констатирал дека во доставените материјали се присутни сериозни наводи за нарушен интегритет на судија и евидентно е постоењето на состојба која сериозно загрижува и ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните и загарантираното право да им суди независен и непристрасен судија.

Лога на прес-конференција информираше и дека иницирал и постапка за изработување на нов правилник за функционирање на Советот на ИКТ, врз основа на кој, како што најави, ќе биде формиран и нов состав на ова тело.