
На 16 јанаури во Скопје се одржа настанот за дисеминација на Еразмус+ проект „РеТранс“ „Интеракција со толкувачи во транзитни зони за бегалци: градење на капацитети и подигнување на свеста во контекст на високото образование“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Панелисти дискутираа на следните теми:
- Какви потреби имаат бегалците при влезот во РС Македонија?
- Каква улога има толкувањето во овој контекст и каква е правната рамка?
- Како соработуваат институциите со толкувачите на регионално и на меѓународно рамниште?
- Со какви предизвици се соочуваат толкувачите и засегнатите странки во РС Македонија?
- Што е досега постигнато и што треба дополнително да се направи?
- Како може да се подобри состојбата за двете страни: за толкувачите и за засегнатите странки?
Целта на проектот е подигнување на свеста кај академската фела и кај надлежните институции за предизвиците и спецификите на толкувањето во контекст на хуманитарната и прекуграничната миграција, како и да придонесе за диверзификација на дидактичките материјали преку развивање разновидни едукативни алатки.
Проектот е одговор на дефицитарната академска инфраструктура на помалку популарната толкувачка насока, т.е. Толкувањето за јавните служби со фокус на интеракциите во транзитните зони за бегалци при истовремено голема побарувачка на пазарот на трудот во речиси сите земји учеснички во овој проект. Оваа констатација се однесува пред сѐ на земјите учеснички во овој проект што се наоѓаат на јужниот раб од Балканската рута, т.е. Северна Македонија и Грција, но и на оние земји учеснички во коишто главно се слеваат миграциските егзодуси, Австрија и Словенија. Имајќи ја предвид комплексноста на оваа проблематика од светски размери, проектот не претендира целосно да ги надмине недостатоците, туку да даде, низ призмата на академскиот пристап, свој придонес кон култивацијата на овие дефицитарни структури.
Стратешкото партнерство на петте транснационални универзитетски центри вклучени во овој проект има цел да подготви лесно пристапна дигитална платформа со најсовремени едукативни алатки место досегашните конвенционални прирачници, со цел опфаќање широк круг корисници (професори и студенти, претставници од владиниот и од невладиниот сектор, толкувачи професионалци, но и лаици, бегалци и други што се засегнати). Со помош на иновативни методологии и технологии за едукација на кадри и за дисеминација на знаење ќе се промовираат подкасти, водкасти, едукасти и симулации на автентични толкувачки интеракции.
Проектот е главно структуриран во четири работни фази, односно во „работни пакети“ со јасно дефинирани резултати и надлежности на вклучените универзитети партнери.
– Прва фаза (надлежност: Јонски универзитет – Крф)
Цели: изготвување извештај врз основа на анкета спроведена за потребите и предизвиците при комуникацијата во транснационалните миграциски контексти.
– Втора фаза (надлежност: УКИМ)
Цели: продукција на подкасти и водкасти врз основа на интервјуа (прашалник, превод, титлување) со инволвираните учесници во интеракцијата (толкувачи, претставници од владиниот и од невладиниот сектор, бегалци, мигранти).
– Трета фаза (надлежност: Универзитет во Марибор)
Цели: продукција на едукасти, т.е. едукативни видеа врз основа на автентичните сознанија од втората фаза во коишто ќе се прикаже соодветното и / или несоодветното „прекугранично / хуманитарно толкување“.
– Четврта фаза (надлежност: Универзитет во Виена и Универзитет во Кремс)
Цели: симулации на автентични толкувачки ситуации со примена на елементи на игра, т.е. гејмификација, врз основа на сознанијата од претходните фази.
Интердисциплинарниот пристап, не само што ќе го унапреди дијалогот меѓу транслатолозите и експертите од полето на дигитализацијата и гејмификацијата туку и дијалогот меѓу високото образование и практичарите на терен, кои се препуштени главно сами на себе.
Академскиот тим за имплементација на проектот од страна на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (ФлФ) е во состав: проф. д-р Силвана Симоска (раководител), проф. д-р Татјана Панова-Игњатовиќ (член) и проф. д-р Мирјана Алексоска-Чкатроска (член), во соработка со група студенти од прв, втор и од трет циклус студии. Овој „филолошко-транслатолошки тим“ се надградува со експертизата на ред. проф. м-р Лазар Секуловски од ФДУ – Скопје, во придружба на студентска екипа од сите три циклуси, кому ќе му бидат доверени ингеренциите за снимањето и за постпродукциската дигитална обработка на подкастите, водкастите и дел од едукастите.
Фото: Филолошки факултет „Блаже Конески“