
Челникот на холандската крајна десница Герт Вилдерс, кој освои најмногу места на изборите пред три месеца но досега не успеа да формира нова коалициска влада, во понеделникот рече дека Холандија е „европската будала“ што прифатила премногу украински бегалци.
Вилдерс се противи на континуираната воена помош за Украина, тврдејќи дека Холандија мора да го задржи оружјето за сопствената одбрана. Тоа е едно од неколкуте прашања што ја делат неговата крајно десничарска Партија на слободата (PVV) од потенцијалните коалициски партнери.
„Украинците масовно доаѓаат во Холандија, не поради војната, туку поради бесплатно сместување, бесплатната грижа и нашите работни места. Уште еднаш, ние сме будалата на Европа“, вели Вилдерс во објавата на X.
Премиерот во заминување Марк Руте викендов изјави дека холандската поддршка за Украина е загарантирана на долг рок, бидејќи Вилдерс нема да може да најде коалициски партнери подготвени да ја поддржат неговата цел за намалување на таа помош.
Во својот пост, Вилдерс одговори на написот во холандскиот дневен весник Telegraf, кој го цитираше холандскиот централен центар за регистрација на украинските бегалци дека капацитетите се пренатрупани. Локален функционер изјави за весникот дека ова главно се должи на приливот на украински мажи кои доаѓаат од други земји-членки на ЕУ во потрага по работа, медицинска нега или да се обединат со семејството.
Од почетокот на руската инвазија на Украина пред речиси две години, повеќе од 100.000 бегалци од Украина дојдоа во Холандија. Според механизмот за привремена заштита на ЕУ, украинските бегалци имаат право да патуваат низ ЕУ за да живеат и работат во која и да е земја-членка најмалку до март 2025 година.