
Градските ривали Милан и Интер ќе играат во финалето на италијанскиот фудбалски Суперкуп на 6 јануари во саудиската престолнина Ријад.
Милан во петокот во полуфиналето го победи Јувентус со 2:1, додека ден претходно Интер ја победи Аталанта со 2:0.
Јуве поведе во 21. минута со одличниот гол на Кенан Јилдиз, по еднакво убавата асистенција на Самуел Мбангула. Сепак, „росонерите“ во продолжението од мечот го свртеа резултатот.
Кристијан Пулишик израмни од пенал во 71. минута. Тој шутираше во средината, а Ди Грегорио иако беше на топката, не успеа да ја одбрани. Мануел Локатели го направи пеналот со невнимателен старт и го собори Пулишик. Само четири минути подоцна Милан поведе со бизарен автогол на Федерико Гати со 2:1. Мусах испрати центаршут од десното крило, топката го закачи Гати и го смени правецот, измамувајќи го истрчаниот Ди Грегорио.
Торинската „Старата дама“ имаше одлична шанса да израмни во судиското надополнување, но Гати го промаши голот.
Во финалето Милан ќе игра против градскиот ривал Интер, кој во четвртокот победи со 2:0 против Аталанта. Двата гола за актуелниот италијански шампион ги постигна холандскиот репрезентативец Дензел Дамфрис. Првиот гол го постигна во 49. минута, а вториот во 61. минута.
Во своето 13-то финале, Интер ќе се обиде да го освои рекордниот четврти последователен трофеј и вкупно деветти, додека Милан ќе ја брка осмата титула во своето 13-то финале.
Финалниот натпревар е закажан за понеделник, во 20,00 часот по средноевропско време.