
Државната комисија за спречување на корупцијата од Судскиот совет побарала списи од предметот поврзан со случајот Телеком кој се водеше пред Апелацискиот суд, објави МКД.мк.
Станува збор за предметот во кој Телеком треба да исплати оштета од четири милиони евра на фирма од Штип, а за овој предмет Основното јавно обвинителство (ОЈО) почна предистражна постапка. ОЈО ја започна постапката откако министерот за транспорт и врски Александар Николоски го испрати предметот за натамошно разгледување бидејќи државата има дел од сопственоста на Телеком.
Апелацискиот суд донесе пресуда во корист на фирмата Фокуснет од Штип. Но, откако Судскиот совет ја разгледа оваа пресуда, заклучи дека има низа прекршувања и недоследности, дека имало два записника во Апелација од кој едниот бил лажен. За утре е закажана седница на Судскиот совет на која ќе се разгледува одговорност на судијката на Апелацискиот суд Скопје од случајот Телеком. OJO отвори предмет и се води предистражна постапка за можните неправилности при донесувањето на пресудата на три судијки од Апелацискиот суд.
Спорот кој е стар 20 години, покренат е од интернет провајдерот Фокуснет против Телеком.