САД на светот му го ограничуваат пристапот до чиповите за вештачка интелигенција

Кабинетот на американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот објави дека дополнително ќе го ограничи извозот на чипови за вештачка интелигенција за да го обезбеди лидерството на Соединетите држави и групата нивни сојузници и партнери во секторот.

„САД денес го предводат патот во вештачката интелигенција – и во развојот на вештачката интелигенција и во дизајнот на чипови со вештачка интелигенција – и од клучно значење е да ја задржиме таа позиција“, рече секретарот за трговија Џина Рајмондо.

САД ќе воведат нови ограничувања за извоз на чипови за графички картички (GPU) кои се користат во центрите за податоци за тестирање модели на вештачката интелигенција. Графичките процесори се поврзани во „гроздови“ (кластери) за да обучуваат софистицирани модели на вештачката интелигенција, објаснува Reuters.

Тие обично се користат во дигиталните игри, а најдоа примена и во вештачката интелигенција благодарение на нивната голема моќ и истовремената обработка на различни категории податоци.

САД одлучија да го ограничат својот извоз, поделувајќи ги земјите дестинации во три групи, според лимитот на продажба на компјутерска моќ изразена во графички процесори.

Усогласени интереси

Група од 18 земји сојузнички и партнери на САД ќе имаат неограничен пристап до оваа категорија чипови, се вели во соопштението на Белата куќа.

„Флексибилноста им овозможува на земјите со силни технолошки заштитни механизми и технолошки екосистеми усогласени со националните и надворешнополитичките интереси на САД да имаат полза од непреченото набавување големи количества чипови“, се вели во извештајот.

Групата ги вклучува Австралија, Белгија, Обединетото Кралство, Канада, Данска, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Јапонија, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Шпанија, Шведска и Тајван, изјавил неименуван претставник за Reuters.

Двегодишна лиценца

Компаниите со „високи безбедносни стандарди“ и седишта во повеќето други земји ќе можат да бараат статус на „верификуван краен корисник“ и да купат во следните две години „компјутерска моќ што одговара на до 320 илјади софистицирани графички процесори“, се наведува во соопштенеито.

И компаниите кои не го обезбедуваат овој статус и нивните централи не се во групата сојузници ќе можат да купуваат компјутерска моќ, но со ограничување до 50 илјади софистицирани GPU по земја.

На земјите под ембарго за оружје, како Русија, Кина и Иран, ќе им биде оневозможен пристап до софистицирани американски чипови.

 

„Пречка за иновации“

Големите компании во секторот за обработка и складирање податоци, како што се „Microsoft“, „Google“ и „Amazon“, исто така, ќе можат да бараат дозволи за изградба на центри за податоци и да бидат изземени таквите проекти од квотите.

За да добијат дозвола, компаниите ќе мора да исполнат строги услови и ограничувања, вклучително и одредби за безбедност, известување и составување план или запис за почитување на човековите права, се вели во извештајот.

Повеќето од софистицираните чипови се произведени од американската „Nvidia“, а „Advanced Micro Devices“ (AMD) е исто така голем играч во секторот за чипови за вештачката интелигенција.

Во понеелникот „Nvidia“ ја критикуваше одлуката на администрацијата на Бајден во заминување, предупредувајќи дека новата регулатива „може да ги попречи иновациите и економскиот раст ширум светот“ и „ќе го поткопа американското лидерство“, се вели во изјавата на потпретседателот на компанијата Нед Финкл.

Брзаница

Говорот на лидерот на „Nvidia“ следеше по предупредувањето од здружението на американски технолошки компании, кои исто така сметаат дека водечката улога на САД во секторот е доведена во прашање.

„Избрзувањето со финализирањето на важна и сложена регулатива може да има значителни негативни последици“, предупреди извршниот директор на ITI, Џејсон Оксман во писмото од 7-ми јануари, чиј примерок на увид го имала агенцијата Reuters.

Здружението го сфаќа аргументот за националната безбедност на администрацијата на Бајден, но „потенцијалните ризици за глобалното лидерство на САД во вештачката интелигенција се реални и треба да се сфатат сериозно“, напишаа тие.

Според нив, кабинетот на Бајден би требало да објави предлог-регулатива, а не самата регулатива, со оглед на значајните геополитички и економски импликации.