
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во неделата вечерта во пресрет на 80-годишнината од ослободувањето на Аушвиц изјави дека жртвите на холокаустот никогаш нема да бидат заборавени.
„Никогаш нема да ги заборавиме шесте милиони Евреи убиени ладнокрвно и сите жртви на холокаустот“, нагласи таа.
„Како што исчезнуваат последните преживеани, наша должност како Европејци е да се потсетиме на овие неискажливи злосторства и да го почитуваме споменот на жртвите“, додаде фон дер Лајен во објавата на социјалната мрежа Х.
Во Брисел, зградата на Европската комисија беше осветлена во знак на почит на жртвите.
„Антисемитизмот повторно се појавува во Европа. Потребата за борба против ова зло… никогаш не била поголема“, додаде Урсула фон дер Лајен во друга порака.
„Историјата на Евреите е неразделна од историјата на Европа. Ние сме решени не само да го заштитиме, туку и да го славиме еврејскиот живот во Европа“, заклучи таа.
Концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау стана симбол на геноцидот извршен од нацистичка Германија врз шест милиони европски Евреи, од кои еден милион умреле таму помеѓу 1940 и 1945 година, заедно со повеќе од 100.000 не-Евреи.
Во понеделник ќе се одржи официјална церемонија во присуство на педесетина преживеани и 54 меѓународни делегации по повод одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на логорот.