
Охрид и охридското крајбрежје станува нова дестинција за турските туристи и сите други кои сакаат да ги истражат и да уживаат во убавините на Охрид, токму преку новиот директен лет Истанбул – Охрид, кој за првпат се воведува со новиот летен ред на летање.
Туркиш ерлајнс на својата мапа на дестинации веќе го постави Охрид како атрактивна дестинација за патување и започна со продажбата на билети. Согласно летниот ред на летање, авиокомпанијата започнува да ја оперира оваа линија од 27 март годинава, со што официјално започнува и воспоставувувањето на директниот лет Истанбул -Охрид.
Туркиш ерлајнс на веб страната го опишува Охрид како „македонски бисер” инајпопуларна туристичка дестинација на Балканот како дел од светското културно наследство.
Авиолинијата Истанбул – Охрид се воведува како резултат на политиките на Владата и Министерството за транспорт.
Со јавниот повик за финансиска поддршка освен Истанбул, од Охрид ќе се лета и кон Базел, а од скопскиот аеродром се воведуваат летови кон Лион, Барселона, Штутгарт Дубаи, Париз, Женева и Истанбул.
-Многу сум горд на ова, бидејќи направивме целосна промена на политиките на поддршка со субвенционирање. Работиме проект кој многу брзо очекувам да излезе во јавноста за реконструкција на терминалната зграда на охридскиот аеродром за и таму да се подобрат условите за работа. Работиме на најмалку уште две до три авиолинии и очекувам да излеземе со околу 12 нови и да го заокружиме во овој период што ќе е дополнителен квалитет и нови патници во Македонија. Дел од тие линии се атрактивни и за дијаспората. На пример, линијата Истанбул – Охрид е многу атрактивна за дијаспората и за Австралија и за северно-американскиот континент бидејќи веќе се продаваат карти Торонто-Охрид или Њујорк -Охрид, Вашингтон -Охрид, Сиднеј -Охрид. Исто така и линијата за Женева беше нешто што долго време ја бараше македонската дијаспора. Така што мислам дека ќе имаме позитивни ефекти, изјави неодамна вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.