
Американскиот државен секретар Марко Рубио во средата го објаснуваше планот на Доналд Трамп за преземање на палестинската енклава, велејќи дека претседателот повикува на привремено раселување на Палестинците само додека Појасот Газа се обновува, додека Белата куќа вели дека Трамп не се обврзал да испрати војници во Газа како дел од планот, јавуваат новинските агенции.
Државниот секретар Марко Рубио во средата изјави дека Трамп сака само Палестинците привремено да го напуштат Појасот Газа додека се одвива реконструкцијата.
„Идејата не беше непријателска. Мислам дека тоа беше многу великодушен гест – понуда за обнова и преземање одговорност за обновата“ на Газа, им рече Рубио на новинарите за време на посетата на Гватемала.
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит изјави за новинарите дека претседателот верува дека Соединетите држави мора да бидат вклучени во обновата на Газа „за да се обезбеди стабилност во регионот“. „Тоа не значи (војнички) чизми на земја во Газа“, рече Ливит.
Обединетите нации го споредија планот на Трамп за Газа, кој наиде на негативни меѓународни критики, со „етничко чистење“.
Стефан Дужарик, портпарол на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека во барањето решенија „не смееме да го влошиме проблемот“, цитирајќи дел од обраќањето на Гутереш што се очекува подоцна ноќта во средата.
„Важно е да останеме верни на основите на меѓународното право, од суштинско значење е да се избегне каква и да е форма на етничко чистење“, рече Дужарик.
Гутереш ќе ја потврди посветеноста на ОН за решение со две држави, додаде портпаролот.
Портпаролот за надворешна политика на Европската унија во средата изјави дека Газа треба да биде клучен дел од идната палестинска држава, додавајќи дека ЕУ е посветена на решение со две држави за Израелците и за Палестинците.
„Ги земавме предвид коментарите на претседателот Трамп. ЕУ останува цврсто посветена на решението за две држави, кое веруваме дека е единствениот пат кон долгорочен мир и за Израелците и за Палестинците. Газа е составен дел на идната палестинска држава“, рече портпаролот на ЕУ.
Трамп во вторникот рече дека Соединетите држави ќе ја преземат енклавата разурната од војната откако Палестинците ќе бидат преселени на друго место и економски ќе ја развијат.
Неколку европски земји, меѓу кои Франција, Шпанија и Велика Британија, како и Русија, Турција и Кина, во средата реагираа негативно на планот на Доналд Трамп за преземање на Појасот Газа од страна на САД и раселување на Палестинците од енклавата во други земји.