
Едно лице е убиено во престрелка во бриселската општина Андерлехт, потврди во петокот белгиската полиција, којашто претпоставува дека станува збор за пресметка меѓу дилери на дрога.
„Утринава околу четири часот имаше уште едно пукање во населбата Петербос во општина Андрелехт. Едно лице загина, маж кој сѐ уште не е идентификуван“, изјави портпаролката на полицијата Сара Фредерик за белгиските медиуми.
Ова е трето пукање во населбата од средата наутро кога две маскирани лица отворија оган пред влезот на метро станицата Клемансо. Во четвртокот повторно имаше пукање во тој дел од градот, при што еден маж беше ранет во ногата.
Областа е позната по дистрибуција и продажба на дрога, а полицијата претпоставува дека станува збор за пресметка меѓу дилери на дрога и борба за контрола на територијата.
По пукањето утринава во Брисел, министерот за внатрешни работи Бернар Квинтин и министерката за правда Анелис Верлинден одржаа итен состанок со шефовите на националните агенции за борба против дрогата и со јавниот обвинител.
По таа средба најавија дека полицијата ќе го зголеми присуството на бриселските улици.