
Американското Министерство за финансии објави дека воведе санкции за мрежа на компании и поединци кои транспортираат иранска нафта во Кина, по најавата на претседателот Доналд Трамп дека има намера да употреби жестоки политики на притисок за да го принуди Иран на договор за неговата нуклеарна програма.
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот потпиша меморандум со кој се врати острата политика на „максимален притисок“ кон Иран од неговиот прв претседателски мандат. При потпишувањето на документот, тој рече дека е многу тврд, додавајќи дека е подготвен да постигне договор со Техеран.
„Што се однесува до мене, работите се многу едноставни: Иран не може да има нуклеарно оружје“, рече американскиот претседател. На прашањето колку Техеран е блиску до развој на оружје, тој одговори: „Премногу блиску“.
Иран со децении постојано нагласува дека не сака да развива нуклеарно оружје, бидејќи средствата за масовно уништување се косат со доктрината на шиитскиот исла, туку дека развојот на неговите нуклеарни капацитети е со цел за добивање електрична енергија и во научни цели, првенствено во медицината.
Во четвртокот, американското Министерство за финансии објави дека вовело санкции против „меѓународната мрежа која овозможува испорака на милиони барели иранска нафта, вредна милиони долари, до Народна Република Кина“.
Нафтата била испорачувана, според тврдењето во америакснкото соопштение, наводно во име на штабот на иранските вооружени сили и неговата „параван компанија“ „Sepehr Energy“, којашто САД ја додадоа на листата на санкционирани компании кон крајот на 2023 година, за време на мандатот на поранешниот американски претседател Џо Бајден.
„Во фокусот на иранскиот режим и натаму е користењето на приходите од нафтата за финансирање на развојот на нуклеарната програма, производство на смртоносни балистички ракети и беспилотни летала и поддршка на сојузничките терористички групи во регионот“, напиша во изјавата министерот за финансии Скот Бесент, особено апострофирајќи го палестенското сунитско движење Хамас, либанското шиитско движење Хезболах и јеменскиот Ансаралах, милицијата на тамошното шиитско хутистичко движење.
Новите санкции опфаќаат поединци и компании во неколку земји, вклучувајќи ги Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), и танкерите „CH Billion“ и „Star Forest“, кои пловат под знамињата на Панама односно на Хонгконг.
Санкционираните танкери „товареле“ иранска сурова нафта во складишта во Кина како дел од програмата која ја вклучува иранската армија и за нејзина сметка.
Иранската мисија во ОН во Њујорк не одговори веднаш на барањето на Reuters за коментар за потегот на Вашингтон.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ги повика претходно седмицава членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) да се обединат во отпорот на можните американски санкции.