
Гостиварската општина Врапчиште и нејзиниот градоначалник ги прекршиле правата на децата, бидејќи одзеле возило кое доставувало храна во детска градинка, а исто така го исклучил и греењето во предучилишната установа, соопшти министерството за социјална политика, демографија и млади.
„По извршен контролен инспекциски надзор во ЈОУДГ „Пранвера“ утврдено е дека Општина Врапчиште по одземање на ингеренциите на градоначалникот на општината во делот на именување на в.д директор на установата и поставување на в.д. директор од страна на министерството, го одзела возилото од предучилишната установа (сопственост на општината) иако во јуни месец 2021 година го дала на користење на предучилишната установа на неопределено време. Се’ до 31.01.2025 година кога е извршена законска смена на в.д директорот на предучилишната установа, истата го користела возилото за дотур на храна за 40 деца згрижени во објектот во селото Добри Дол. Оттогаш па до денес, храна во овој објект се врши отежнато со помош на приватни возила“, се вели во информација до јавноста на Министерството за социјална политика.
Оттаму сметаат дека „повторно градоначалникот и Општината Врапчиште вршат грубо кршење на Законот за заштита на децата, со оглед на фактот дека согласно истиот се основачи на предучилишната установа и се надлежни за непречено функционирање на установата, но во овој случај со попречување на секојдневниот тек на работите односно одземање на возило за дотур на храна, вршат груба повреда на своите овластувања, на штета на своите најмали жители на општината-децата“.
„За да биде иронијата поголема денес од страна и налог на општината, исклучено е греењето и струјата во матичниот објект на градинката во село Врапчиште кој е составен дел на училиштето, на температура од – 5 C степени. Освен грубо кршење на законот со последниот чин градоначалникот ги прекрши и правата на децата согласно Конвенцијата за правата на децата“, се вели во соопштението.