Нагаѓањата за испораките од Русија ги спушти цените на нафтата до 74 долари

Цените на нафтата паднаа во четвртокот на глобалниот пазар до 74 долари за барел, бидејќи пораките од Вашингтон за можни мировни преговори меѓу Русија и Украина ги намалија стравувањата од нови препреки за испораките на руската нафта.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за цел долар пониска од вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 74,18 долари. Вчера го затвори тргувањето на минус 1,82 долари. На американскиот пазар, пак, со барелот денеска се тргуваше по 97 центи пониска цена, по 70,40 долари. Вчера тргувањето го затвори со загуба од 1,95 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека цената на барелoт од референтната кошничка нафта на нејзините членки во средата паднала за 43 центи на 77,88 долари.

Расположението на пазарите беше одбележано во средата со најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека телегонски разговарал одделно и со рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Двајцата претседатели рекоа дека сакаат мир, најави Трамп, додавајќи дека им наредил на своите функционери да започнат разговори за ставање крај на војната во Украина.

По еден час телефонски разговор со рускиот колега по должност, Трамп рече дека тој (Путин) „сака војната да престане“. „Разговаравме за воспоставување прекин на огнот во не толку далечна иднина“, рече Трамп. По Путин, разговарал и еден час со украинскиот претседател Володимир Зеленски, според Киев.

Со оглед на тоа што американскиот претседател изјави дека е подготвен да воведе нови санкции кон Москва доколку таа не покаже дека е подготвена да преговара за мир, неговите изјави ги ублажија стравувањата од нови пречки за испораките на руската нафта.

Поранешниот американски претседател Џо Бајден воведе пакет санкции против руските транспортери на нафта и осигурителни компании кон крајот на неговиот мандат, објаснувајќи дека сака да го намали финансискиот капацитет на Москва за финансирање на војната во Украина.

„Стравувањата од недостиг од снабдување сега стивнаа и некои учесници на пазарот очекуваат рускиот извоз да се зголеми“, објаснува Џовани Стауново од UBS.

Цените на нафтата паднаа по веста за можни мировни преговори, во услови на оптимистички шпекулации дека ризиците за снабдување ќе бидат намалени, според аналитичарите на ANZ, посочувајќи на санкциите на САД и ЕУ.

„Последните седмици, цените беа поттикнати од знаците на тесни залихи, а американските санкции врз руските нафтени компании и бродови, според некои, ја влошија ситуацијата“, објаснуваат тие.

Шпекулациите за стабилен руски извоз следеа по знаците за слабеење на американската побарувачка. Така, залихите на сурова нафта во САД се зголемија за 4,1 милиони барели минатата недела, покажаа податоците од Министерството за енергетика во средата.