САД бараат од европските земји придонес за безбедносните гаранции во однос на Украина

Соединетите држави побараа од европските земји да предложат со какви безбедносни гаранции можат да придонесат за Украина, изјавија во саботата за Reuters четири европски извори.

Соговорниците рекле дека САД испратиле документ во кој се поставуваат прашања за можните придонеси во војници, додека два извора наведел дека документот бил испратен претходно оваа седмица.

Весникот Financial Times прв објави дека Вашингтон побарал од европските сојузници информации за оружјето, мировните сили и безбедносните аранжмани за Украина.

„Планот очигледно е да се види како европските сојузници ја гледаат можната рамка за преговори за ставање крај на конфликтот и евентуален ангажман на Европа и САД“, рекол европски дипломат запознаен со содржината на документот.

Документот вклучува шест прашања за секоја земја-членка на Европската унија, додал дипломатот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика во саботата да се создаде европска армија, велејќи дека континентот повеќе не може да се потпира на заштитата на САД и дека ќе има почит од Вашингтон само со силна војска.

„Американците им се обраќаат на европските земји и прашуваат колку војници се подготвени да испратат“, рекол за Reuters трет дипломат.

Американскиот Стејт департмент сѐ уште не одговорил на барањето за коментар.