Доларот стагнира, цената на нафтата расте

На валутните пазари во раното претпладневно тргување во понеделникот вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути стагнира, откако минатата седмица падна за 1,2 отсто.

Индексот на доларот, кој ја искажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест главни светски валути, утринава се движи околу 106,84 поени, додека во петокот навечер на затворањето на тргувањето изнесуваше 106,80 поени.

Курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од 152,30 на 151,55 јени.

Но американската валута благо зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0480 долари, додека во петокот вечерта чинеше 1,0490 долари.

Цените на нафтата, пак, благо пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава порасна за 0,19 отсто, на 74,90 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,05 отсто, на 70,80 долари.