Поранешниот бразилски претседател Болсонаро обвинет за обид за државен удар

Државниот обвинител на Бразил во вторникот официјално го обвини поранешниот екстремно десничарски претседател 69-годишниот Жаир Болсонаро и 33 други лица за обид за државен удар по неговиот пораз на изборите во 2022 година.

Болсонаро и неговите сообвинети се обвинети по пет обвиненија за наводен обид да го спречат претседателот Луис Инасио Лула да Силва да ја преземе функцијата по тесната изборна трка.

Државниот обвинител Пауло Гонет Бранко ги поднесе обвиненијата до Врховниот суд „врз основа на ракописи, дигитални датотеки, табели и размена на пораки кои откриваат шема за нарушување на демократскиот поредок“, се вели во соопштението на неговата канцеларија.

Тие детално опишуваат „заговор смислен и спроведен против демократските институции“, се вели во него.

Едно од обвиненијата е за кривично дело „вооружена криминална организација“, наводно предводена од Болсонаро и неговиот потпретседателски кандидат Валтер Брага Нето.

„Здружувајќи ги силите со други поединци, вклучително и цивили и воен персонал, тие ги координираа нивните напори да го спречат признавањето на резултатите од претседателските избори во 2022 година“, се вели во соопштението.

Обвинителството ја засноваше својата одлука на извештајот на федералната полиција на повеќе од 800 страници, објавен минатата година по двегодишна истрага, која покажа дека Болсонаро бил „целосно свесен и активно учествувал“ во заговор да остане на власт.

Болсонаро ги отфрли обвинувањата и рече дека е жртва на „прогон“.

„Обидот за државен удар… стана празно обвинение, коешто нема апсолутно никакви докази против Болсонаро“, напиша на Х неговиот син, сенаторот Флавио Болсонаро.

По објавувањето на неговото обвинение, тимот на одбраната на Болсонаро рече дека е „шокиран“ и „огорчен“, додавајќи во изјавата дека Жаир Болсонаро „никогаш“ не бил поврзан со „движење кое имало цел деконструкција на демократското владеење на правото“.

„Последен обид“

Според соопштението од кабинетот на државниот обвинител Бранко, заговорот започнал во 2021 година, со „систематски напади врз електронскиот систем за гласање, преку јавни изјави и објави на интернет“.

Според обвинението, за време на вториот круг од претседателските избори во октомври 2022 година, безбедносните агенции биле мобилизирани за „да ги спречат гласачите да гласаат за кандидатот на опозицијата“, се вели во соопштението.

Оние кои биле вклучени во оваа фаза работеле на олеснување на „актите на насилство и вандализам на 8 јануари 2023 година“, кога поддржувачите на Болсонаро упаднаа во претседателската палата, Конгресот и Врховниот суд во главниот град Бразилија.

Канцеларијата на јавниот обвинител соопшти дека „криминалната организација предводена од Болсонаро“ вршела притисок врз воените команданти „во полза на насилни акции на политичката сцена за да го спречи избраниот претседател да ја преземе функцијата“.

Истрагите, исто така, покажале заговор за убиство на Лула, потпретседателот Жералдо Алкмин и судија од висок профил со „одобрување“ на Болсонаро.

Според соопштението, немирите на приврзаниците на Болсонаро на 8 јануари 2023-та со кои се повикува војската да интервенира, биле „последната опција“.

Врховниот суд сега ќе ги одмери наводите и ќе одлучи дали ќе го гони Болсонаро.

Неколку часа пред обвинението, Болсонаро им рече на новинарите во Бразилија дека „не е загрижен“ за можноста да биде обвинет. Тој зборуваше во Сенатот, каде што се залагаше за амнестија на неговите поддржувачи кои беа затворени по немирите во Бразилија.

Врховниот суд ги потврди пресудите на речиси 400 луѓе за напади на владини згради.

Повторно во потрага за функција

Болсонаро, кој беше во САД на денот на немирите, ги отфрли обвинувањата против него во неодамнешното интервју за CNN Brasil.

„Каков државен удар е ова? За што сум обвинет? Дека таму во Орландо, во Дизни, со Мики, Доналд и Пајо Паторот планирам државен удар тука во Бразил?“, праша поранешниот претседател.

На прашањето што ќе се случи доколку биде уапсен, Болсонаро рече: „Одам во затвор, не го напуштам Бразил. Нема да побегнам од Бразил“.

Претседателот на највисокиот суд во Бразил, Луис Роберто Баросо, во понеделникот рече дека на Болсонаро ќе му се суди без „политизација“.

На Болсонаро му е забрането да извршува каква и да е јавна функција до 2030 година, бидејќи предизвикал „неосновани сомнежи“ за електронскиот систем на гласање во Бразил за време на неговата неуспешна кампања за реизбор.

Сепак, и покрај тоа што е до гушата во правни проблеми, тој се обидува да ја оспори должината на неговата политичка забрана во обид повторно да се кандидира за функцијата на изборите во 2026 година.

„Дали ќе одржиме избори без опозиција овде во Бразил? Затоа што без мене на десницата, денес нема опозиција“, изјави тој за CNN Brasil.