
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, изјави во четвртокот дека „нема апетит“ за уште еден закон за финансирање на Украина, само ден откако претседателот Доналд Трамп го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „неизбран диктатор“ и го предупреди дека мора брзо да дејствува за да обезбеди мир со Русија или ризикува да ја загуби својата земја.
„Нема апетит за тоа“, рече Џонсон за Newsmax во текот на една од дискусиите на конференцијате на конзервативците кога беше запашан, што беше проследено со свирежи од публиката, дали предвидува уште еден закон за финансирање на Украина доколку до завршувањето на војната изминат уште неколку месеци.
„Мораме да ја доведеме (војната) до крајот. И можам да ви кажам дека и нашите европски сојузници ја разбираат неопходноста. Таа (се одолговлекува) предолго“, рече Џонсон.
Забелешките на републиканскиот водач во долниот дом на Конгресот дојдоа во време на растечка неизвесност околу иднината на американската поддршка за Киев, по војната со зборови меѓу Трамп и Зеленски. Трамп ја промени американската политика во однос на војната во Украина, завршувајќи ја неуспешната кампања на Западот за глобална изолација на Русија со телефонскиот повик со Путин, како и со воспоставување разговори меѓу високи американски и руски претставници во Саудиска Арабија, во кои не беше вклучен Киев, ниту ЕУ. Во вторникот Трамп рече и дека Зеленски и Украина се виновни за руската инвазија во 2022 година. Зеленски тврдеше дека Трамп повторувал руска дезинформација.
Изјавите на Џонсон го одразуваат променливото расположение во американскиот Конгрес, кој одобри 175 милијарди долари помош за Украина од почетокот на руската инвазија, во време кога демократите го имаа мнозинството во Сенатот и ја држеа Белата куќа. Републиканците на Трамп сега ги контролираат Претставничкиот дом, Сенатот и Белата куќа.
Минатиот април Џонсон налути многу од неговите колеги републиканци во Претставничкиот дом со тоа што дозволи гласање за нацрт-законот кој вклучуваше 61 милијарда долари за Украина, кој беше усвоен со поголема поддршка од демократите отколку од републиканците кои бараа истовремено да се издвојат средства за зајакнување на безбедноста на американската граница кон Мексико што беше одбиено.
Истакнувајќи дека и Русија и Украина претрпеа големи загуби, Џонсон во четвртокот рече: „Мораме да го прекинеме конфликтот. Претседателот Трамп е апсолутно во право. Време е да се стави крај, а тој (Трамп) е суровата сила, мислам, којашто може да го направи тоа“.
Џонсон рече дека на Трамп му е потребен простор за да посредува во завршувањето на војната во Украина и дека „поплаката“ на Зеленски дека Украина не била поканета на состанокот во Саудиска Арабија е „депласирана“.
„Мислам, она што Трамп се обидува да го направи е… да ги постави условите за овие вистински преговори, преговорите да се случат и ние треба да му дозволиме да го прави тоа што го прави“, смета Џонсон.