Србин поставен на чело на државната Експорт-импорт банка на САД

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го именува бизнисменот со српско потекло Јован „Џон“ Јовановиќ за директор на државната Експорт-импорт банка (ЕКСИМ).

– Горд сум што го номинирав Џон Јовановиќ за претседател и извршен директор на Експорт-импорт банка на САД (EXIM). Џон ќе го искористи своето долгогодишно искуство во финансиите, инвестициите и градењето бизнис во енергетските, стоковите и критичните инфраструктурни сектори, за повторно да ја направи Америка доминантна во енергијата и производството“, пишува во номинацијата на Трамп за Јовановиќ, поднесена во Конгресот неделава.

Според порталот на англиски јазик „Serbian Times“, 39-годишниот Јовановиќ израснал во Чикаго, каде од Србија се преселиле неговите родители, Нада и Среќко. Тој магистрирал бизнис на Факултетот Вартон на Универзитетот во Пенсилванија, но има и диплома по политички науки од престижниот универзитет Принстон. Во богатата професионална биографија на Јовановиќ пишува дека работел во Дојче банк и во повеќе меѓународни корпорации.

ЕКСИМ-банката, основана во 1934 година од претседателот Френклин Д. Рузвелт, има задача да го поддржува извозот на американски стоки и услуги.