
На владина седница вчера е донесена одлука за разрешување на членовите на Управниот одбор на „Македонски Телеком“.
„Владата на Република Северна Македонија заклучи да му предложи на Собранието на акционери на Македонски Телеком, Акционерско друштво за електронски комуникации – Скопје, од должноста членови на Одборот на директори да ги отповика членовите предложени од Владата на седницата одржана на трети ноември 2020 година, како и од седницата одржана на 25 април, 2023 година“, одлучила Владата на својата вчерашна седница, дознава НетПрес.
Истовремено Владата заклучила и да го отповика даденото полномошно на Марија Митаноска Димовска да присуствува на Собранието на акционери на „Македонски Телеком“, Акционерско друштво за електронски комуникации – Скопје.
Изминатиот период повеќе скандали се поврзуваа со Никола Љушев, главниот и извршен директор на „Македонски телеком“ кој важи за близок човек на поранешниот премиер, Димитар Ковачевски. Како класичен непотизам во „Телеком“ е примерот со сопругата на Љушев, Наташа, која стана една од главните менаџери во компанијата во која свој удел има владата, која пак и поставува и свои членови на Управен одбор.
Како главен менаџер на секторот Дигитализација, сопругата на Љушев станува еден од најважните десет менаџери во компанијата. Наташа Љушева е унапредена заедно со уште неколку директори во „Телеком“ во периодот кога на местото на кадрите на Заев се поставуваат луѓе блиски на Ковачевски, кој во тоа време е актуелен премиер.
Љушев стапува на позицијата главен и извршен директор на „Македонски телеком“ од 1 јули 2018 година.
Во Одборот на директори што управува со друштвото членуваат 14 члена, од кои 13 се неизвршни членови, а еден е извршен член, кој всушност е и главен извршен директор, а четворица од неизвршните членови се независни членови на Одборот на директори