Официјален почеток на тргување во евра на Македонската берза на електрична енергија

Од денеска стартува тргувањето во евра на Македонската берза на електрична енергија, како еден од клучните аспекти за успешно интегрирање на македонскиот пазар на електрична енергија во единствениот европски пазар.

Денеска беше претставена имплементацијата на иницијативата на Одборот за организираниот пазар на електрична енергија. Управителот на Националниот оператор на пазар не електрична енергија, МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, истакна дека улогата на Одборот е од голема важност за унапредување на работата на пазарот, ден однапред, воведување нови производи, модернизирање и следење на светските трендови во овој домен.

„Досега тргувањето на домашната берза на електрична енергија се реализираше во денари. Од денес за сите 37 компании кои тргуваат на пазарот ден однапред се воведува еврото како валута. На тој начин се отвора патот за пазарно спојување познато како маркет каплинг (market coupling) со берзите на соседните земји и членки на Европската унија, што е исто така приоритет на кој посветено се работи за следните две години, заедно со можноста за воведување на интрадневен пазар на електрична енергија“, истакна Ѓорѓиевски.

Со одборот, претседава Xристина Давидовска од Енерџи Фајненсинг- ТИМ ДООЕЛ Скопје, која на состанокот подвлече дека и понатаму ќе се работи и ќе се следат новитетите кои се од голема важност за унапредување на работата на домашната берза, и осовременување на можностите за тргување со електрична енергија.

„На последниот состанок на Одборот, заклучивме дека процесот на тргување со евра треба да стартува во првиот квартал на 2025 година и тоа од денеска е реализирано. Заедно со стручните тимови во МЕМО разговаравме за идните планови поврзани со пазарното спојување со единствениот европски пазар – маркет каплинг, воведувањето на интрадневен пазар и веруваме дека истите ќе бидат реализирани во рок“, истакна Давидовска.

Членови на одборот на Организираниот пазар на електрична енергија се и Атанас Настев од ГЕН-И, Виктор Делов од Данске Комодитис ДООЕЛ Скопје, Никола Ушинов – ЕВН Македонија, Антонио Ивановски – АД ЕСМ Скопје, Наташа Дограмаџиева – Манева – Енерџи Актив ДООЕЛ Скопје, Љупчо Најдов – Рењувабал Енерџи Суплај РЕС ДОО Скопје, Драган Наумовски- ТЕ-ТО АД Скопје, Иоанис Панагиотопоулис и Владимир Шошолчев – Дуферко МК ДОО Скопје, кои воедно се и учесници на Македонската берза на електрична енергија.

Домашната берза на електрична енергија, речиси две години обезбедува сигурност и релевантни цени за секој час од денот. Ценовниот сигнал од пазарот „ден однапред“ кој го управува МЕМО е клучен индикатор за ефикасно функционирање на електроенергетскиот сектор во нашата земја.