
Случајот „Адитив“ за местење тендери во РЕК Битола и РЕК Осломеј, оди кон разрешница. Многу звучни имиња беа предмет на истрага во изминатиот период меѓу кои и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство, неговиот наследник, Васко Стефанов, како и екс-директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе обвинение против 31-но физичко и пет правни лица.
Кривичните дела што им се ставаат на товар се несовесно работење во службата; злосторничко здружување; злоупотреба на постапка за јавен повик: доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и перење пари.
Обвинетите преку договарање овозможиле фаворизирање на одредени компании во тендерската постапка за набавка на адитиви за јаглен притоа стекнувајќи нелегална имотна корист и извршиле трансакции за перење пари во износ од 6,8 милиони евра со цел да го прикријат потеклото на финансиските средства.
Обвинителството бара конфискација на имот и парични средства како и продолжување на притворот за девет обвинети и куќен притвор за еден.